Матичните против ковид амбулантите
Неизвесно е отворањето на Ковид амбулантите во скопските поликлиники. Нема резултат ниту од средбата меѓу министерот Беким Сали и претставници на здруженијата на лекари од примарното здравство. Матичните лекари не попуштаат. Категорични се дека не одбиваат работа, и понатаму како и досега ќе прегледувале и лекувале Ковид пациенти, но во своите ординации, а не во најавените амбуланти. Според нив секој матичен најдобро си го познавал пациентот, а и довербата била обострана, дури и голем дел од пациентите не се согласувале со овој предлог.
-Ако еден матичен доктор е сега на смена во својата амбуланта и треба да работи во Ковид амбуланта, прашање е кој ќе ги услужува пациентите. Ние работиме и административен дел, издаваме рецепти, одјавуваме боледувања, ако тој ден не му кажеме на пациентот, може да ја изгуби и работата, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.
Според предлогот на Комисијата за заразни болести Ковид амбулантите во 5 скопски поликиники требаше да бидат отворени неделава. Просторот, опремата, лековите и брзите тестови се обврска на Здравствен дом Скопје, а дежурствата во 2 смени треба да ги реализираат матичните со нивните сестри.
Од министерството за здравство велат дека отворањето на Ковид амбуланти е само препорака на КЗБ која е советодавно тело на министерот, а конечната одлука ќе била донесена по прецизирањето на сите аспекти во координација со матичните лекари. Но дали и кога тоа ќе се случи нема прецизен одговор.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
