Свет
13. October 2026 - 20:25

Мерц побара Иран да престане да го дестабилизира Блискиот Исток

Германскиот канцелар Фридрих Мерц побара Иран да престане да го дестабилизира регионот, по денешниот телефонски разговор со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, објави агенцијата Анадолија.

Портпаролот на германската влада Стефан Корнелиус изјави дека Мерц и Мохамед бин Салман разговарале за најновите напади на проиранските бунтовници Хути од Јемен, за ситуацијата на Блискиот Исток и за начините за прекин на регионалниот конфликт.

„Канцеларот најостро ги осуди најновите терористички напади извршени од Хутите поддржани од Иран. Канцеларот и престолонаследникот се согласуваат дека овие напади мора веднаш да престанат“, рече Корнелиус.

Тој изјави дека канцеларот Мерц нагласил дека поморските блокади наметнати од Иран и Хутите во Ормуската Теснина и во близина на Баб ел Мандеб, исто така, мора да бидат прекинати без одлагање.

„Иран конечно мора да се вклучи во сериозни преговори и да престане да го дестабилизира регионот. Во исто време, мора трајно и без ограничувања да ја отвори Ормуската Теснина и да ја суспендира својата воена нуклеарна програма“, додаде Корнелиус.

Мерц и Бин Салман разговараа и за влијанието на конфликтот врз цените на енергијата во Германија и начините за нивна стабилизација.

 

МИА