Мицкоски: Градиме стабилен и отпорен финансиски систем усогласен со европските стандарди

Во време на трансформации потребна е и храброст за иновации. Дигитализацијата на финансискиот сектор, развојот на финтек-решенија, модернизацијата на платежните системи, сето тоа отвора нови можности за побрз, поефикасен и поинклузивен финансиски систем. Централните банки се веќе активни актери во оваа трансформација создавајќи рамки што ги поттикнуваат иновациите, но истовремено ја штитат стабилноста. Како држава активно го следиме овој пат. Градиме стабилен и отпорен финансиски систем усогласен со европските стандарди. Нашата политика е јасна - силни институции, транспарентност и одговорност. Во соработка со Народната банка и со сите релевантни институции, работиме на унапредување на регулаторната рамка, зајакнување на надзорот и поддршка на дигиталната трансформација - порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на конференцијата во Скопје посветена на централното банкарство.
Мицкоски нагласи дека истовремено Владата реагирала навремено и одлучно за да ги ублажи директните удари врз граѓаните и економијата.
- Донесовме мерка за намалување на ДДВ-то за бензините, со што директно се влијае на намалување на ценовниот притисок врз домаќинствата и стопанството. Денес, дополнително обезбедуваме мазут од државните резерви, со јасна цел - да спречиме дополнителен раст на цената на електричната енергија и да обезбедиме стабилно снабдување во услови на глобална неизвесност. Ова е пример за координиран пристап - каде што монетарната и фискалната политика се надополнуваат, а институциите дејствуваат синхронизирано во интерес на граѓаните - рече премиерот на конференцијата на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост.
Тој додаде дека отпорноста е клучниот збор на нашето време, таа значи способност да се издржат шоковите, но и да се излезе посилен од нив, тоа значи диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите.
Премиерот нагласи дека живееме во време на длабоки и брзи глобални промени, во кое економските текови, финансиските пазари и безбедносните предизвици се испреплетуваат повеќе од кога било досега. Во таков свет, додаде тој, улогата на централното банкарство станува уште поважна не само како чувар на ценовната стабилност туку и како столб на довербата, стабилноста и економската отпорност.
Централните банки денес, нагласи премиерот, не дејствуваат во изолирани услови. Тие функционираат во средина што е под силно влијание на глобалните шокови - од инфлаторни притисоци и прекини во синџирите на снабдување до геополитички тензии и енергетски неизвесности.
- Во вакви околности стабилноста не е даденост, таа е резултат на внимателно водени политики, координација и одлучност. Воениот конфликт на Блискиот Исток дополнително ги продлабочи овие предизвици. Сведоци сме на значителни нарушувања на пазарите на енергенти, раст на цените на нафтата и гасот, како и зголемена неизвесност, која директно се прелева врз глобалната економија - рече премиерот.
Нагласи дека овие притисоци не остануваат далеку од нашите граници, тие влијаат врз инфлацијата, врз трошоците за производство, врз животниот стандард на граѓаните. Во ваква средина, рече премиерот, централните банки имаат двојна одговорност - прво, да ја одржат ценовната стабилност и да ги амортизираат инфлаторните шокови и, второ, да ја зачуваат финансиската стабилност обезбедувајќи ликвидност и сигурност во банкарскиот систем.
Тоа, истакна Мицкоски, бара внимателен баланс - помеѓу рестриктивни мерки за контрола на инфлацијата и поддршка на економската активност.
- Централните банки се во срцето на оваа отпорност. Гувернерите мора да ги почитуваат законите и да се дел од движечката сила. Денес, повеќе од кога било, потребна ни е координација меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери. Глобалните предизвици бараат заеднички одговори. Само преку соработка можеме да изградиме систем што ќе биде стабилен, иновативен и подготвен за иднината. Дозволете ми да завршам со една мисла: стабилноста е темел, иновацијата е двигател, а отпорноста е гаранција за иднината. Ако ги споиме овие три столба, ќе изградиме економија која не само што ќе се справува со предизвиците туку ќе ги претвора во можности. Времето во кое живееме не е лесно, но е време на одлуки. Време на визија. Време во кое ги поставуваме темелите на утрешната стабилност - истакна Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Голема еколошка акција на Патриотско друштво за пошумување на Ајватовски Рид
-

Божиновска: Денар плус попуст на дизелот
-

Мицкоски: Имаме најевтини горива во регионот
-

Филипче: Мерките не се доволни
-

Славески: Ја држиме инфлацијата под контрола
-

ДУИ: Регулаторна 2 пати неделно да определува цени
-

Костадиновски: Уставниот суд мора да остане независен
-

УГД во мисија, европско образование без граници
