Македонија
29. April 2026 - 13:14

Мицкоски: Ќе продолжиме со стабилни политики и заштита на стандардот на граѓаните

Во овој момент не размислуваме за намалување на ДДВ-то на дизел-горивото, а преговараме со ОКТА за продолжување на попустот - изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања Мицкоски дополни дека акцизите остануваат исти и оти Владата ќе носи одлука врз основа на просечната цена на бензините и дизелот во втората половина на месецов.

- Дизелот веќе беше над 1200 долари по тон, што значи тие 4 денари  ќе останат. Безоловниот беше под 1200 долари по тон, и имаше два денари, но очекувам сега и тој да оди над 1200, така што и таму ќе имаме 4 денари по литар повторно намалени акцизи, рече Мицкоски, по седницата на Комитетот за јавни инвестиции. 

Посочувајќи на цените на горивата во регионот, како и дека „буџетот во Србија буквално колабира“ рече дека ние не сме во таква состојба поради, како што нагласи, стабилните политики што ги води Владата. 

- Ќе продолжиме и понатаму со стабилни политики и заштита на стандардот на граѓаните, рече Мицкоски. 

Упати на табелата што ја објави Меѓународниот монетарен фонд, која, истакна, покажува дека како држава сме трета во Европа која што применила мерки за справување со кризата како процент од Бруто-домашниот производ. Тоа, потенцира, е показател дека како резултат на таа активна политика и робусните мерки што ги применивме граѓаните во Македонија плаќаат најевтини горива, и дизел и бензин.

- Во таа насока, ќе продолжиме и во периодот што следува. Точно е дека тоа има импикации врз Буџетот, не може  ништо да биде бесплатно, но важно е дека го зачувавме стандардот на граѓаните. Ако се спореди со кризната 2022 година, кога имавме двоцифрена инфлација, сега инфлацијата во март и април се движи на очекуваните нивоа - под пет проценти. Да видиме како ќе биде во април, имајќи предвид дека во март и април применивме мерки, кога ги промовиравме  религиските кошнички, така што очекувам да имаме прилично стабилна структура понатаму во  мај, изјави Мицкоски. 

Тој дополни дека сè уште постои притисок од  граѓаните од соседните држави за набавка на горива, која е зголемена за 30 проценти и оти сè уште од кај нас со керозин се снабдуваат регионалните аеродорми.  Немаме намера да престанеме и да воведеме забрана, како што тоа веќе го направија некои држави. Не сме интервенирале со државните резерви, се бориме да го задржиме стандардот и во овие два месеци, покрај овие големи предизвици што ги имаме, и би рекол историски најголемата енергетска криза, која што според своите размери се споредува со онаа од седумдесеттите години на минатиот век и онаа од 2022 година. Сепак, покажуваме жилавост и така ќе продолжиме и понатаму да се бориме, рече Мицкоски. 

Според него, првиот квартал во наплатата на даноците е солиден. Има, како што рече, зголемување, кај данокот на добивка и персоналниот данок на доход со двоцифрени проценти во споредба со претходната година, а кај данокот на додадена вредност едноцифрен, од 5,5 до 6 проценти.

Мицкоси упати на податоците за реализиацијата на Буџетот заклучно со 27 април,  според кои реализацијата кај предвидените приходи е 29 проценти, 33 проценти  е кај расходите и околу 35 проценти кај капиталните инвестиции. 

- Сè има своја поврзаност и сега засега немаме простор за паника. Граѓаните да бидат сигурни и безбедни, има кој да размислува и да води стабилни политики. Во овој момент Македонија не е држава што повеќе коленичи, туку рефлектира стабилност во регионот и така ќе продолжиме, изјави Мицкоски. 

МИА