Со ,,Дојран гурман фест,, отворена летната туристичка сезона
Од традиционалната риба на трска, преку крап тава , па се до познатите дојрански лангиди. Со презентација на богатото кулинарско наследство и специјалитети од дојранското поднебје, во Дојран се одржа фестивалот на традиционална храна, обичаи и култура „Дојран гурман фест“. Со оваа манифестација, веќе 14 години по ред, и симболично се означува почетокот на летната туристичка сезона.
Градоначалникот на општина Дојран, Илија Тентов, вели дека ваквите манифестации се многу значајни за развој на локалниот туризам, бидејќи покрај езерото, Дојран има и богато гастрономско и културно наследство кое треба да им се понуди на туристите.
Во подготовката на богатата дојранска софра учествуваа околу дваесетина домаќинки од Здружението на жени ,,Дојрана,, кои презентираа дел од локалните специјалитети од кои некои се стари колку и самото езеро.
Понудата ја збогатија и локални производители со производи од сезонско овошје, ракотворби и традиционални изработки.
Од Општина Дојран најавуваат дека ,,Дојран гурман фест,, е само почеток на богатата културно забавна програма за претстојното лето. Според најавите, покрај домашните, оваа сезона во Дојран се очекуваат и голем број странски туристи.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
