Мицкоски: Не се поместуваме ни милиметар ако не се помести и Софија
Премиерот Мицкоски е загрижен од почетокот на новата влада на Радев за тоа како се однесува кон македонските евроинтеграции и вели додека не види испорака од нивна страна, ние нема да поместиме ни милиметар во однос на бугарските барања. Сепак, се надева дека кај источниот сосед ќе преовлада разумот и ќе прекине како што вели, со уцената и булингот. Реакцијата на Мицкоски стигнува по ставовите на бугарската шефица на дипломатијата Петрова која синоќа беше децидна дека Софија цврсто останува на своите позиции.
- Тоа е уцена и булинг. Ако веруваме и стоиме до европските вредности, тогаш треба да веруваме и стоиме до европските вредности, а ако тие мислат дека се таму и за ние да бидеме таму, треба да ги прифатиме нивните барања, тогаш оваа влада таа игра нема да ја игра и сè додека сум јас премиер, додека не видиме испорака од нивна страна, ние нема да се поместиме ниту милиметар. Добрососедските односи се двонасочна улица. Не можете да танцувате сами - или танцувате со партнер или немате партнер. Ме загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надевам дека со текот на времето рациото и разумот ќе преовладеат. Јас сум свесен дека имаат многу внатрешни проблеми. Гледам дека изгледа ќе бидат првата држава што ќе добие мерки од Европската централна банка, бидејќи ги фалсификувале и ги лажирале извештаите за буџетскиот дефицит. Имаат големи проблеми со инфлацијата, со економијата генерално, па можеби сега бараат нова тема, а најдобра тема е радикализирани ставови кога станува збор за македонското прашање. Но, ние сме трпеливи, ќе работиме и ќе победиме како многу пати што сме победиле во историјата.
Мицкоски коментираше и дека македонската страна постојано нуди решенија, а Бугарија има одговори кои, за жал, не ги почитува, како што потпишаната резолуција за заштита на човековите права или 14 пресуди на Судот во Стразбург.
Петрова синоќа коментираше дека Софија има конструктивен пристап кон Македонија и дека очекува Скопје да нуди решенија. Сепак, таа беше децидна дека позициите се исти како во 202 година, и дека без Бугари во Устав нема влез во ЕУ.
Министерката за надворешни работи Велислава Петрова испрати порака до Македонија дека Бугарија нема да се повлече од она што беше договорено.
Бугарската министерка веќе имаше непријатна ситуација со шефот на македонската дипломатија Муцунски кога веднаш по стапувањето на функција срдечно се поздравија на сесија во Брисел. Петрова за тоа извести како за средба и тоа користејќи го терминот северномакедонски, по што следуваше дипломатска нота од македонска страна. Сепак, Муцунски ја покани Петрова на билатерална средба на НАТО состанок во Шведска, десет дена подоцна, која иако помина во пријатна атмосфера сепак, не ги помести позцииите на официјална Софија.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
