Македонија
4. November 2026 - 14:13

Мицкоски од Дизелдорф: Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ поради вештачки прашања

- Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ поради вештачки прашања, рече премиерот Христијан Мицкоски на панелот „Отпорност како императив за севкупното општество" што се одржа во рамки на Самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија во Дизелдорф.

Како што истакна Мицкоски, сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ.

Кога постои таква дупка во системот, според него, тогаш станува збор за ранливост на системот.

- Во Дизелдорф учествував на Самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија, каде на панелот „Отпорност како императив за севкупното општество" истакнав дека Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ заради вештачки прашања. Сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ, а кога постои таква дупка во системот, тогаш станува збор за ранливост на системот. Не секогаш рушењето на системот е предизвикано од оружје, туку и со други ресурси. Затоа е потребна робусна акција на ЕУ кога земја кандидат се бори со прашања од минатиот век поставени од земја членка на ЕУ, објави Мицкоски на својот фејсбук профил.

Членството во ЕУ, потенцирал премиерот на панелот, значи промена со додавање вредности, а не промена на идентитет.

- Почнавме пред 26 години, дури и пред Хрватска, која сега е земја членка на ЕУ. Се бориме за нашите права, дел сме од НАТО, целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ, ја штитиме ЕУ од нелегална миграција од членки на ЕУ, и така ќе продолжиме, нагласил Мицкоски на панелот.

 

МИА