Мицкоски од Нови Сад: Народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом

Народот кој ги чува свои корени никогаш не се губи, народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом, а народот кој ја чува својата култура секогаш ќе има иднина, порача премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, што се одржува попладнево во Нови Сад.
Идентитетот, потенцираше, не се чува сам од себе. Јазикот не преживува сам по себе. Традицијата не се пренесува без љубов, труд и свесна посветеност. За да се сочува едно име низ осум децении, потребни се генерации луѓе кои одбиваат да заборават, потребни се мајки и татковци кои дома го зборуваат мајчиниот јазик, потребни се учители, културни работници, духовници, луѓе кои организираат фолклорни фестивали, литературни вечери, изложби, академии и училишта, но пред сѐ луѓе кои разбираат дека народ без култура е народ без меморија, а народ без меморија лесно може да ја изгуби и својата насока, рече Мицкоски.
Вашата приказна, оцени Мицкоски, е доказ дека човек може да живее далеку од родниот крај, а срцето и понатаму да му чука во ритамот на мајчиниот јазик, дека може да создаде нов дом без да го заборави стариот и дека може да биде лојален граѓанин на државата во која живее, а истовремено достоинствен чувар на сопствениот национален и културен идентитет.
- Таа рамнотежа, таа способност да се биде свој, а притоа отворен кон другиот, претставува голема вредност и голема лекција не само за Балканот, туку и за Европа и светот, истакна Мицкоски.
Тој оцени дека Македонија и Србија не ги поврзуваат само политички и државни односи и оти, како што рече, не поврзуваат луѓето, генерациите кои растеле во исти културни и духовни простори, песните што ги знаеме, книгите што сме ги читале и вредностите со кои сме воспитувани. Нѐ поврзува чувството за семејство, чест, човечност и достоинство, но и една длабока историска вистина – дека Балканот не напредува кога народите се оттурнуваат едни од други, туку кога градат доверба, заемна почит и искрено партнерство.
Премиерот Мицкоски укажа дека во време кога светот се соочува со нови поделби, нови неизвесности и нови геополитички тензии, нашите народи имаат обврска да градат мостови, а не ѕидови, да ја чуваат блискоста создадена низ генерации луѓе и да ја пренесуваат како вредност на идните генерации.
- Денес од Нови Сад испраќаме порака на заедништво, порака на почит и пријателство, порака дека иднината мора да се гради врз она што нѐ поврзува, а не врз она што нѐ разделува, рече Мицкоски.
Обраќајќи им се на младите Македонци во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград, Врање, Ниш, лесковац, секаде каде што живее нашата заедница, им порача дека тие се генерацијата на новото време, на технологијата, мобилноста и глобалните можности, но оти токму во такво време уште поважна станува свеста за сопствените корени.
- Не дозволувајте модерноста да ви ја одземе меморијата и брзината на времето да ви го избрише чувството на припадност.Бидете современи, успешни, образовани и освојувајте универзитети, компании, институции и културни сцени, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор, која песна ви ја пееле вашите родители и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци, рече Мицкоски.
Тој оцени дека Нови Сад и Војводина отсекогаш биле простор каде различностите не биле слабост, туку богатство, простор каде народите не морале да се откажат од својот идентитет за да живеат заедно, туку напротив – преку заемна почит и разбирање создавале мозаик од култури, јазици и традиции кој денес претставува едно од најголемите богатства на овој дел од Европа. Во таа приказна, потенцираше, Македонците имаат свое чесно, заслужено и достоинствено место.
Во македонската делегација предводена од Мицкоски се вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, и за култура Зоран Љутков,...
На свечената академија се обратија и претседателот на српската Влада Ѓуро Мацут, претседателката на покраинската влада на Војводина Маја Гојковиќ, како и претседателката на Национален совет на македонското национално малцинство во Србија Зорица Митровиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Кочани доби Центар за поддршка на момчиња и мажи
-

Преглед на вестите од светот
-

Петрова: Условот е европски
-

Тема на денот со Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието
-

Планот на Мерц пред лидерите на Западен Балкан во Тиват
-

СДСМ: Младите на референдум да одлучат за иднината
-

Гужвите на Богородица продолжуваат - Грција бара нови решенија
-

13 годишник загина возејќи електричен тротинет во Куманово - дали е потребна построга регулатива?
