Мицкоски: Опозицијата точно знаела која е Давор Мацура
Сегашната опозиција точно знаела кој е Давор Мацура.
Премиерот Мицкоски во Тема на Денот во Дневникот на Сител тврди дека документите кои тој денеска ги презентираше на Надзорната комисија во Собранието за работата на Алта Банка АД Битола потврдуваат дека Владата предводена од СДСМ во 2023 година носела одлука за деловен однос со Алта Банка.
Тоа е документ, вели тој, во кој Владата на предлог на поранешниот премиер Димитар Ковачевски носи одлука да го овласти државниот правобранител да ја застапува во процесот каде македонската Влада оттуѓува сопствени акции на Алта Банка.
- Ако јас вам ви продавам нешто или вие купувате од мене, ако тоа не е деловен однос, тогаш јас не знам што е деловен однос.
„Ве разбирам, тие практично тврдат дека морале да ги отстапат акциите. Не било тоа одлука тука да стапат во деловни односи, туку кога над 90% од акциите ги стекнала Алта Банка веќе по српските закони тие биле принудени да ги отстапат акциите на мнозинскиот сопственик. Тоа е разликата.“
- Дали биле принудени или не биле принудени, и тоа не е така. Но дали биле принудени или не биле принудени, тоа не ја намалува погрешната теза дека оваа Влада влегла во бизнис зделки со Мацура и со Алта Банка. Вистината е дека претходната Влада, па нека била и принудена, е таа којашто влегла во деловни односи, вели Мицкоски.
Претходно, по неговото сослушување на Надзорната комисија, претседателот на СДСМ Филипче го обвини премиерот дека манипулира со документите за да ја префрли одговорноста за влезот на Алта Банка.
Со документи потврдува дека дури 4 месеци претходно во јуни на вонредна седница, акционерите на Алта банка донеле одлука за принудно откупување на акциите.
По ваквите случувања на седница на владата од октомври 23-та било задолжено Државното правобранителство да го заштити државниот интерес во случајот со отуѓувањето на акциите.
- Заклучок од Владината седница е да се ангажира Државното правобранителство, како орган кој го штити државниот интерес, вклучувајќи ги и малите акции кои биле откупени без наша согласност, да влезе во комуникација со српските институции со цел да се заштити државниот интерес на Република Северна Македонија. Ни збор за продавање акции, ни збор за етаблирање на бизнис интереси со Алта Банка. Едноставно и единствено, само заштита на државните интереси, рече Филипче.
Денешната Надзорна комисисија заврши.
На сослушување беа и претставници на Народната Банка, но и државниот јавен обвинител кој кажа дека за подигнување на обвинение потребно е да се изврши истрага, а за да има истрага секој кој поседува информации и документи за можен сторен криминал, да ги достави до Јавното обвинителство.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
