Македонија
10. September 2025 - 14:24

Мицкоски: Првпат на месечно ниво имаме базична инфлација во негатива

Забавување на инфлацијата на месечно ниво е добар индикатор и за базичната инфлација, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој очекува трендот да продолжи и да се дојде до под три проценти. Во денешната изјава за медиумите, одговарајќи на новинарски прашања, тој кажа дека водат стабилна макроекономска политика.

-Да, тоа е месечната ставка, вклучително и  годишната стапка. Ако се гледа, споредено со јули имаме намалување од 4, 8, на 4, 4 проценти. Очекувам тој тренд полека да продолжи, да дојдеме до оние стабилни под 3 проценти да речеме околу 2-2,5. Тоа е она што го очекуваме во периодот којшто следи, рече Мицкоски.

За премиерот, важна е длабинска анализа со која, како што рече, првпат базичната инфлација е во негатива, односно во минус.

-Но, она коешто е важно ако се направи длабинската анализа ќе се види дека на месечно ниво, првпат базичната инфлација е во негатива, односно во минус. Тоа е добар индикатор дека има полека стагнирање и намалување на базичната инфлација којашто беше главен драјвер-двигател на генералната инфлација, изјави Мицкоски.

Тој дополни дека водат внимателна макроекономска политика и покрај критиките од синдикалните здруженија. Мицкоски најави дека ќе се продолжи во тој тренд.

-Мерките не се така интензивни коишто ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката којашто ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија, да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок, барем двојно да гледаме од тоа што е растот на инфлацијата, така што во нето, граѓаните да имаат подобар стандард. Така ќе продолжиме, без интервенционизми, без би рекол политика којашто ете-пробавме, се обидовме во одредени случаи, тоа не доведе со плод. Интензивни се контролите и на Државниот пазарен онспекторат и на Комисијата за заштита на конкуренција. Нормално не правиме од тоа естрада и парада, па сето тоа да го соопштуваме пред камера, но континуирано имаме мониторинг и најмалку еднаш од двапати неделно добивам извештаи од нив, рече премиерот.

Премиерот оцени дека фирмите кои продаваат ученички прибор се придржуваат во однос на насоките на надлежните, укажувајќи дека периодот кој е опфатен е пред да има намалување, така што очекува поголемо намалување во септември.

Одговарајќи на новинарски прашања за базичната инфлација, премиерот додаде дека во сите производи на месечно ниво има намалување, споредно август со јули.

-На годишно ниво, повторно имаме зголемување, но не така големо како што беше во јули. Буквално во сите производи, рече премиерот.

 

МИА