Македонија
28. August 2025 - 16:38

Мицкоски: Растот на нето-платата сега е двојно поголем во однос на периодот на владата на СДСМ

Реалниот раст на платата сега бил двојно поголем од периодот кога со Владата раководеше СДСМ, тврди премиерот Мицкоски. Коментирајќи ја вчерашната прес-конференција на лидерот на опозициската партија Венко Филипче – Мицкоски тврди во седумте години власт – политиката на СДСМ била катастрофална и уништувачка. 

 -Кога ќе се споредуваат параметрите, добро е да се направи споредба помеѓу параметрите коишто ги пратат СДСМ и ДУИ кога тие се во Владата, седум години, во периодот јуни 2017 – мај 2024 година кога порастот на реалната нето-плата којашто ја зимаат вработените во Македонија е околу 3,5% и оваа една година кога е во Владата ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, односно од месец јуни 2024 до месец јуни 2025 кога реалниот пораст на нето платата е 6,5%, вели Мицкоски. 

Од СДСМ му одговорија – сите податоци покажуваат дека граѓаните осиромашуваат. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска на прес-конференција вели дека Македонија е доведена во најголема економска несигурност досега, а оправдувањето на министерката за финансии била дека „немала магично стапче“ за инфлацијата.

-Синдикалната минимална кошница е поскапа за речиси 5.000 денари, само за една година. Во исто време, минималната плата порасна за само 1.800 денари. -Зеленчукот поскапел за 63,3%, а овошјето за 33% само за една година. -Инфлацијата е 4,8% и ги јаде примањата на граѓаните.-Реалната плата во јуни порасна за само 3,8%, додека со мерките на СДСМ растот беше над 11%.  За прв пат по долго време имаше и пад на просечната плата споредено со претходниот месец. Со други зборови: цените растат, платите мируваат, а куповната моќ на граѓаните паѓа, вели Кузеска.

Премиерот ја обвини опозицијата за состојбите во РЕК Битола. Рече дека Истражните органи и судовите ќе треба да дадат одговор како во минатото се купувал јаглен од исто место за 25% повисока цена.

-За отприлика 20 до 20% се пониски цените коишто сега истите тие добавувачи го снабдуваат РЕК Битола и АД ЕСМ во споредба со периодот кога коалицијата СДСМ и ДУИ управуваше со комбинатот и со Владата. Сега вистинското прашање е каде оделе тие 25%? Да почекаме судовите да дадат одговор зошто тогаш за 20 до 25% се купувале истите работи коишто сега можат да се купат многу помала цена и зошто се купувале производи коишто никогаш не биле употребени или во мегаломански количини коишто никогаш нема да бидат употребени, вели Мицкоски. 

Власта и опозицијата со денови се препукуваат за тоа кој водел полоша економска политика.