Мицкоски шокиран од запрената истрага за мазутот
Премиерот Мицкоски очекува да се преиспита случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино од 2021 до 2023, а за која вчера надлежното обвинителството на Абази одлучи да ја сопре постапката бидејки не била утврдена штета од неа.
Со ваквата одлука на ОЈО ГОКK истрагата сопре за 13 физички и едно право лице, меѓу кои и за Ратко Капушевски, сопственик на РКМ, Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко Петрол, како и за за Васко Ковачевски, директорот на ЕСМ, кој го спровел јавниот повик за мазутот вреден 167 милиони евра, а кој е и во бегство.
Мицкоски вели дека бил шокиран од ваквата одлука на обвинителите.
„Јас со неверување ја слушнав таа вест, бев шокиран од тоа што го слушнав. ....Очекувам дека случајот повторно ќе биде вратен на преразгледување и повторна анализа. доколку тоа не се случи, обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет, ОЈО ГОК со овој обвинител, со Ислам Абази, сме го коментирале. Не треба дополнително што да кажам. Јавноста знае за каков обвинител станува збор“
Од неговата матична партија и понатаму бараат оставка од Абази бидејки сметаат дека тој е во спрега со СДСМ и ДУИ, бидејки се сликал со Ахмети, а Јахоски е син на пратеникот Исмаил Јахоски кој пак, е дел од Европскиот фронт на ДУИ.
Премиерот за сопирањето на истрагата вчера разговарал и до државниот обвинител Савески, кој го информирал дека не знаел дека ваква одлука ќе биде донесена. Савески за Сител потврди дека за одлуката дознал по нејзиното донесување, и дека за случајот не е реферирано пред него.
Вчера и обвинителката на ОЈО ГОК што го водела случајот Катерина Коларевиќ, на брифинг информираше дека Савески е информиран отпосле, но и дека немала обврска да информира и реферира. За одлуката да ја сопре истрагата не разговарала ни на колегиумот во обвинителството за гонење на организиран криминал.
Од ОЈО ГОКК и понатаму тврдат дека од доказите и исказите не утврдиле ни дека фирмата на Кашушески била фаворизирана, ниту дека ЕСМ претрпела штета. Се повикуваат на искази дадени на 4 март оваа година од Помошник директорот за производство на електирчна енергија и Советник за комерцијални работи, овластени од ЕСМ.
„Воедно, на прашање дали како резултат на трите склучени договори опфатени во постапката АД ЕСМ има претрпено каква и да било штета двајцата одговориле дека штета нема претрпено.“, појаснуваат од обвинителството на Абази.
Бил направени и повеќе вешти наоди за цените на мазутот, дистрибуцијата и потрошениот мазут.
„Врз основа на наведеното, не се утврдуваат елементи кои упатуваат на пречекорување на договорната вредност, што е клучен индикатор за евентуална злоупотреба – а истиот овде целосно отсуствува. Исплатите се вршени врз основа на верификувани фактури и реално извршени услуги, со што се исклучува било каква фиктивност или незаконито стекнување корист…
Вообичаено, вештите лица од економска област изнесуваат економски индикатори за пресметување на штета која е правно прашање и за која може да се изјасни само оштетениот субјект. “, велат денеска од ОЈО ГОКК.
Од ЕСМ како оштетена страна во предметот, пак, не знаат на што точно се повикува обвнителството кога утврдила дека компанијата и државата немале штета. Решението за сопирање на истрагата се уште не е добиено, но имаат намера да се жалат,
„Следејќи ги информациите објавени во медиумите, правниот тим на Компанијата веќе ги презема сите подготвителни активности, да поднесе соодветна Жалба, веднаш по официјалното примање на Решението. АД ЕСМ ќе ги искористи сите правни механизми кои ни стојат на располагање за заштита на интересите на Компанијата“, велат од АД ЕСМ.
Од ОЈО ГОК пак, велат дека АД ЕСМ за прв пат од почетокот на истрагата испратиле допис со барање за да ја добијат кривичната пријава, како и исказите и вештачењата од предметот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
