Мицкоски: Трезорот не се затвора утре - административците ќе добијат плата и К15
Административците нема да останаат без плата и К15. Трезорот не се затвора утре. Премиерот Мицкоски вели дека само ги повикал државните институции да не го чекаат крајниот рок и навреме да ги доставаат налозите.
Исплатата од буџетот нема да запре, вели премиерот, но искуството покажало дека дел од институциите го чекале последниот момент да ги достават налозите.
- Годините наназад, еве минатата година во 5 до 12 се случуваше и останаа недовршени работи, бидејќи физички не е возможно. Се разбира дека ако некој дојде на 20 декември нема да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да го реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Тоа е суштината – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Опозициската СДСМ пак обвини дека буџетот е празен и затоа се доцни се сите исплати.
- За прв пат во историјата трезорот се затвора на 15 декември. Ова покажува дека нема пари за плати, пензии, социјални надоместоци, породилно отсуство и поврат на ДДВ, изјави Алекандар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ
Инаку, втора година по ред административците ќе добијат и регрес за годишен одмор. Сумата која треба да им легне на сметките до Нова година изнесува 12.370 денари. Пари и за ова се обезбедени, вели Мицкоски.
Исплата на сите буџетски корисници, како и помошта за граѓаните и фирмите, вклучувајќи го и повратот на ДДВ, согласно законот, се вршат од трезорот до 31 декември.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
