Мицкоски уверува: Ќе интервенираме ако има драстичен скок на цената на нафтата
Во државата има доволно нафта, а инспекциите проверуваат по поплаките од граѓаните дека дел од бензинските ограничуваат колкава количина на гориво може да се наточи.
В понеделник се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за нови цени на дериватите. Премиерот уверува, ако има потреба ќе реагира и државата.
- Доколку има драматичен скок на цената се разбира ние како Влада веднаш, уште во вторник на редовната владина седница ќе интервенираме. Имаме неколку опции на распалаѓање, дали ќе намалиме акциза, дали ќе намалиме данок на додадена вредност. Така што, ние како Влада ќе застанеме зад она што е наш интерес, а тоа е стандардот на граѓаните, вели премиерот Мицкоски.
Мицкоски уверува дека и државните резерви на нафта се на високо ниво.
- Државните резерви се отприлика над 62 дена во моментот. Зборувам за вкупната дневна потрошувачка на нафта и нафтени деривати. Така што, апсолутно тоа не претставува проблем и тие се на највисоко историско ниво што некогаш биле. Инаку, согласно Закон, треба да постојат методологија и гантограм на активности како да се дојде до 90 дена. Тоа не значи дека ние во моментот треба да имаме. Туку се носи преку Министерството методологија и таа методологија ја имаме донесено и ќе дојдеме до 90 дена, вели Мицкоски.
Цената на нафтата на светските берзи денеска се движи околу 92 долари за барел.
Пред РКЕ да ја донесе новата одлука, во моментов Македонија има најниски цени на бензинот и нафтата во регионот, заедно со Босна и Херцеговина и Бугарија, чии цени се и најниски во Европската Унија. Во овој момент цените се највисоки во Грција и Албанија. Меѓутоа, вредно е да се напомене дека последната одлука во Македонија е донесена во понеделникот кога суровата нафта на берзите се тргуваше под 80 долари за барел, а во меѓувреме добар дел од соседните држави ги променија цените.
РКЕ во средата го измени и правилникот за да обезбеди сигурност во снабдувањето. Одлука за нови цени на горивата ќе носи еднаш неделно, само во понеделник, а не како досега, цените да можат да се менуваат секој ден, зависно од движењето на нафтата и доларот на светските берзи.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
