Македонија
29. October 2026 - 17:03

Гасот надмина 100 евра за прв пат од 2022 година, ЕСМ преговара за поевтино снабдување

Цената на гасот во Европа надмина 100 евра за мегават-час, првпат од 2022 година, поради војната на Блискиот Исток и ниските залихи уште пред почетокот на зимата. ЕСМ преговара за подолгорочно снабдување со гас по пониски цени, вели министерката за енергетика Божиновска и најави дека ќе се разгледа и можноста за субвенции. 

„Ние ги следиме цените на гасот, меѓутоа и тоа се менува на дневно ниво. ЕСМ има закупено на подолг период гас, ќе видиме и тука што ќе се случува. Ноември имаат закупено гас. ЕСМ се во преговори за подолгорочно и секако поконкурентно снабдување на гасот. За субвенции секако дека ќе дискутираме, ќе видиме какви финансиски импликации ќе има“, кажа Божиновска.

Неизвесно е и колку ќе плаќаат граѓаните за струја од јануари. ЕСМ ги сумира трошоците и до средината на ноември треба да ја достави новата понуда до Владата, која ќе одлучи по која цена државните електрани ќе му ја продаваат струјата на ЕВН Хоум. Сегашната цена изнесува 65 евра за мегават-час.

Во меѓувреме, Регулаторната комисија ги разгледува барањата на другите енергетски компании. МЕПСО побара зголемување на цената за пренос за над 97 проценти. Електродистрибуција сè уште нема конечна пресметка, бидејќи не е завршен тендерот за набавка на струја за покривање на загубите во мрежата. МЕМО, пак, не бара промена.

„Тоа што компаниите поднесуваат до Регулаторната е едно, значи вие може да барате и да си дадете ваши пресметки. Тука Регулаторната ќе одлучи и ќе види што ќе биде крајниот исход. Така да, ве замолувам да почекате на одлуката на Регулаторна, да видиме на крај која ќе биде нејзината одлука и колку ќе има тука поскапување, ако има“, изјави министерката за енергетика. 

Од следната година, ЕСМ 70 проценти од произведената електрична енергија ќе ја продаваат по регулирана цена, а останатите 30 проценти по комерцијални цени.