Македонија
29. October 2026 - 17:03

Субвенционираниот студентски оброк ќе се зголеми, не се знае кога и за колку

Зголемување на субвенционираниот студентски оброк ќе има, но се уште не се знае кога и за колку би се покачила сумата. Министерката Јаневска вели дека преговорите се во тек. Чека студентите да се изјаснат дали ќе ја прифатат понудата за замена на картичката на која добиваат 840 денари неделно, со електронски ваучери. 

„Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, како што е и намената на законот и да ја користат за она што е вистинската намена. Оттука, не можат да ја користат за цигари, алкохол и друго нешто како што тие вообичаено го прават, според нивните кажувања и според она што може да се види во градот. Ќе може да го користат секаде, каде што ќе бидат одредени оператори кои ќе им продаваат исклучиво храна“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука. 

Студентите велат дека повеќе од еден месец се извисени од надлежните, игнорирајќи ги нивните барања за зголемување на студентскиот стандард. Според нив, не е спорно кој систем ќе го користат, туку кога и за колку ќе се зголеми оброкот. 

„Одговорот на студентите за систематската промена не е зависна со сумата на промената на оброкот затоа што студентите ќе го користат оброкот и додека имаат картички и додека користат електронски ваучери. Така да не е спорно дали ќе имаме нов систем, спорно е кога државата ќе го зголеми оброкот“, изјави Ангела Василевска, претседателка на УСС при УКИМ Скопје.

Владата вели дека сака дома да го имплементира системот што веќе се користи во Словенија.  Ваучерите за субвенциониран оброк таму функционираат електронски. Студентите ги користат преку мобилна апликација или со повик од телефон. Можат да користат оброци во ресторани и други угостителски објекти вклучени во државниот систем за студентска исхрана. 

Од 1 март оваа година државната субвенција во Словенија изнесува 5,19 евра за еден оброк. А во Македонија студентите земаат само 140 денари. Претходно младите обвинија дека министерката го крши законот бидејќи дека износот на студентскиот оброк не е зголемен три години, а сегашниот износ не е усогласен со стапката на инфлација. 

Дали студентите ќе го прифатат новиот владин систем за електонски ваучери ќе се знае следната недела, откако ќе се изјаснат на референдум.