Македонија
20. July 2026 - 13:27

Мицкоски: Владата ќе испрати 60.000 литри вода за пиење во Гостивар, од градоначалникот па надолу сите треба да понесат одговорност

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, за време на посетата на Велес, одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали има нови информации што се случува во моментот во општина Гостивар со оглед дека е прогласена епидемија и дали тој смета дека има морална одговорност кај некои од функционерите, истакна дека таму сите од прв до последен треба да понесат морална одговорност почнувајќи од градоначалникот па надолу, а за друг вид одговорност треба да се произнесе Обвинителството.

- Инаку, за морална одговорност, апсолутно таму од прв до последен треба да понесат одговорност, покрај тоа што, претпоставувам, Обвинителството ќе се занима со друга одговорност. Очекувам дека од градоначалникот па надолу сите треба да понесат одредена морална одговорност. А ние како владини институции ќе продолжиме и понатаму колку е возможно со иницијативи од типот на онаа вчерашната да им го олесниме животот на гостиварци во делот на снабдување со вода за пиење и колку-толку од таа вода да се користи за реализирање на техничките потреби и за хигиена - рече Мицкоски, кој денеска беше во Велес, каде што присуствуваше на почнување на реконструкција на патниот правец Челошево - Дорутовец, како и пуштање на реконструираните улици 11 Октомври и Васил Главинов.

Тој посочи дека владините институции во рок од два дена ја завршиле работата, а изутринава од Институтот за јавно здравје бил брифиран дека она што е нивна ингеренција е завршено и предадено во Обвинителството.

- Сега на потег е Обвинителството, односно обвинителот, кој треба да излезе со квалификација. Истовремено, како Влада во текот на вчерашниот ден презедовме чекор да обезбедиме 50.000 литри пакувана вода за пиење за гостиварци. И тоа така ќе биде секој ден. Вчерашните количини утрово се поделени, а денеска очекуваме нови три шлепери, кои ќе бидат повеќе од 20.000 литри од шлепер, некаде околу 60.000 литри, кои очекуваме во текот да денот исто така да бидат дистрибуирани - рече Мицкоски.

Тој нагласи дека во моментот, во согласност со препораките на АХВ и ИЈЗ, водата во Гостивар не смее да се користи ниту за технички потреби.

- Во суштина, сè ова што го правиме е дел од локалната самоуправа, но кога имате таму летаргија, тогаш морате како Влада да реагирате и да ги преземате тие потези што овие два дена ние ги презедовме. Значи, сега треба „Водовод“ во Гостивар да пристапи кон прочистување на системот за да може граѓаните да ја користат водата за технички потреби и за хигиена бидејќи сега во моментот вака како што е, не треба ниту за хигиена да ја користат - рече Мицкоски.

Посочи дека од денеска па натаму локалното ЈП „Водовод“ треба да почне со чистење на системот, хлорирање и во рок од ден, два или три да може граѓаните да ја користат за техничка потреба.

Во врска со тоа дали ќе има ревизија на изградбата на водоводот, чија реконструкција завршила лани, а дел од средствата ги обезбедиле Владата и швајцарската агенција, Мицкоски потенцира дека секако дека ќе се направи анализа.

- Постои надзор, кој има потпишано извештај, бидејќи, во огласност со Законот за градењето, секој ваков проект мора да има стручен надзор. Имате компанија и правно лице што го вршеле надзорот, така што сето тоа едно по едно ќе биде анализирано. Што се однесува до институциите под надлежност на Владата, во рок од два дена состојбата беше констатирана и беа преземени сите неопходни мерки. Некои од тие мерки не се во наша надлежност, но кога гледате дека постои летаргија на локално ниво, Владата мораше да реагира - додаде премиерот.

 

МИА