Македонија
14. November 2023 - 12:31

Мијалков нема да одговара за Титаник 2, измените во КЗ го застареа делото

Мијалков на слобода, Тачи и поранешните членови на Државната изборна комисија со услови казни. Ова е одлуката на Апелациониот суд за случајот „Титаник 2“ на поранешното СЈО. Обвинетите се жалеа на двегодишните затворски казни изречени од Основниот кривичен суд.

Според одлуката на Апелациониот суд, целосно се укинува затворската казна и обвинението за екс директорот на УБК Мијалков, бидејќи како што наведуваат од судот, настапила апсолутна застареност на кривичното дело..

„Советот на овој суд не се впушти во оцена на жалбените наводи истакнати во изјавените  жалби  на  обвинетиот Сашо Мијаков од причина што по службена должност, а имајќи ги предвид и наводите истакнати на јавната седница во насока дека е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење за кривичното дело“

Примање награда за противзаконитo влијание, откако  ги  разгледа  списите  приложени  кон  предметот, обжалената  пресуда  и  писмениот  предлог  на  ВЈО,  утврди  дека  настапила  апсолутна застареност на кривичното гонење за предметното кривично дело“, се вели во образложението на пресудата од Апелационен суд – Скопје.

Двегодишните затворски казни за останатите обвинети, судот ги замени со условни, па така во следните четири години Мендух Тачи, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими, и Влатко Сајковски, ако го повторат делото, повреда на избирачко право, ќе им се активираат затворските казни.

Титаник 2 се судеше вторпат откако Апелациониот суд го врати предметот и побара да се суди од почеток. Тогаш, Кривичен пресуди затворски казни во траење од три до четири и пол години.