Македонија
5. February 2024 - 19:52

Министерот доби црвен картон од студентите поради постојаното доцнење на стипендиите

Студентите му дадоа црвен картон на министерот за образование и побараа одговорност од него. Револтот од постојаното доцнење со исплата на стипендиите, ваучерите за превоз и субвенционираниот оброк ги обедини студентските собранија од јавните и приватни универзитети.

Со свирежи и транспаренти протестираа пред МОН за негрижата на власта во однос на помошта која им следува, но и условите во кои престојуваат во домовите. Побараа да се донесе календар со рокови според кој, МОН ќе ги исполнува обврските кон студентите. 

Да седнат да учат и да не подлегнуваат на манипулации им порача министерот Шаќири, кој беше зачуден зошто и покрај, како што вели, одличната комуникација со нив, тие протестираат. Исплатата зависела од процедура која поради техничката влада се пролонгирала. 

Поканата за средба со министерот, студентите ја одбија. Велат многу пати до сега се среќавале но проблемите се повторувале. Министерот не добил официјално барање за поефикасен систем за исплата, но најави дека ќе го поддржи доколку е во согласност со можностите на буџетот.