Македонија
10. May 2022 - 16:34

Министерството за правда почнува изработка на нов Изборен законик - една изборна единица во согласност со договорот на партиите

Со нов изборен законик ќе се отстрануваат пропустите во изборните процеси. Министерството за правда, иницира подготовка на закон кој ќе ги содржи сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР за демократски институции и почитување на човековите права.. Министерот Тупанчевски, вели дека, уште неделава ќе ги повика политичките партии да се вклучат во процесот, но и сите организации поврзани со изборната проблематика.

„Едно од посебните укажувања на меѓународниот фактор беше дека, најдобро ќе биде Изборниот законик да биде донесен шест месеци пред изборите затоа што сепак тоа се правила на игра кои треба да се почитуваат и однапред треба да се знаат. Се разбира, да не заборавиме исто толку важен како првиот предуслов е и вториот сегмент, да се почитува правото на консензуалност“, изјави Никола Тупанчевски, Министер за правда. 

Дали подготовката на новиот законик значи дека наскоро нема да има парламентарни избори, министерот Тупанчевски е без конкретен одговор. Вели, важно било да не се повторуваат грешките од минатото.

„Дефинитивно не сакаме да ни се повтори уште еднаш ситуацијата да носиме изборен законик пред месец или два, кога и да се изборите. Напротив, убаво ќе биде, правилата на игра да се знаат однапред, без разлика кога ќе бидат одржани новите избори, какви и да се“, вели Тупанчевски.

Од правда појаснуваат дека со процесот ќе биде опфатен и предлогот за промена на изборниот модел, но како што вели Тупанчевски, дали државата ќе биде една изборна единица, ќе зависи од сите кои ќе учествуваат во изработката на изборниот законик.

Надзорот на ОБСЕ/ОДИХР за последниот изборен процес утврди проблеми со апартите за отпечаток од прст, тајноста на гласање, семејно гласање и обиди за поткуп.