Македонија
14. February 2024 - 16:40

Министри се менуваат, а пациентите стравуваат за терапија

Промената на министри повторно ја закочи позитивната листа. Иако Фатмир Меџити минатата недела пред да биде разрешен најави дека во вторник ќе бидат промовирани нови десетина лекови, ден потоа нема ништо од тоа. Пациентите со кардиоваскуларни, невролошки, хематолошки и други заболувања и понатаму ќе чекаат за современа терапија на товар на Фондот.

Во неизвесност се и пациентите со ретки болести. Тие и годинава стравуваат дали навреме ќе ги добијат неопходните лекови бидејќи тендерот се уште не е распишан. Од Националната алијанса  посочуваат дека секогаш се во ваква ситуација кога се менуваат министри и апелираат новоназначениот Илир Демири што поскоро да ја почне постапката за набавка на терапија.

- Не може секогаш со плус 20 и со анекси да се спасуваме да се набавуваат количини на лекови. Згора на се тендерот минатата година не беше за 12 туку за 10 месеци. Очекуваме да се случи недостаток за жал. А да не зборувам за пациентите кои се регистрирани минатата година и го чекаат овој тендер за прв пат да ја добијат терапијата. Тие пациенти се во исчекување и фрустрирани од тоа колку време се чека да се добие терапијата и зошто не може да ја добијат веднаш после дијагнозата туку мора да го чекаат наредниот тендер, вели Весна Алексовска од Националната Алијанса за ретки болести.

Од министерството за здравство не добивме конкретен одговор кога ќе се распише тендерот за ретки болести, а за проширувањето на позитивната листа велат дека постапката е стигната до финално рангирање и се чекало изјаснување од фондот.