Македонија
13. May 2024 - 16:35

Министрите контра експертите за заклетвата на Силјановска Давкова

Македонија без Северна во свечената заклетва на новата претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова, покрај реакциите на меѓународните претставници, предизвика низа спротивставени ставови и дома.

Македонските министерства против професори по уставно право- дали Силјановска Давкова згреши и треба да ја исправи грешката или нејзината свечена заклетва е според Изборниот законик?

Први со реакција утринава се јавија од македонското МНР. Како и нивните колеги од Грција, бараат да се почитува Уставот и договорот од Преспа-за да не се нарушат односите кои изминативе седум години се граделе со нашиот јужен сосед.

Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД.

Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.

Според министерот за правда пак, непочитувањето на уставното име на земјата, ја прави ништовна заклетвата на Силјановска Давкова. Тој побара или да се повтори постапката или функцијата претседател на државата да ја преземе, собранискиот спикер Јован Митрески, како в.д претседател.

Спомена и пример кога екс претседателот на САД, ја повторил неговата свечена заклетва.

Кога може САД и Обама, може и Северна Македонија и Силјановска. На видеото е  првата неточна заклетвата на Обама, и следниот ден повторена по вторпат заклетва според прописите.

Во одбрана на претседателката застанаа нејзините колешки од правниот факултет.

Професорката по уставно право Тања Каракамишева, на својот фејсбук профил се повика на членот од изборниот законик каде името Република Македонија не е променето, со што иницираше дека Силјановска Давкова постапила според протоколите.

Член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што Претседателката на Македонија Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова требаше да го каже во својата заклетва, и го кажа, а тој гласи

Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија.

Професорката Астеруд пак, во коментари на социјалните мрежи вели, дека претседателката сакала да стави мелем на раната за промената на уставното име, но дека и е јасно дека треба да ги почитува меѓународните договори.

Да бев јас на нејзино место, јас ќе го изговорев како што е, и како е потпишано во писмената изјава, тоа што е со правно-декларативна консеквентност.

Не треба да се заборави дека заклетвата од правен аспект е декларативен чин, но сепак постои и се практикува како правна и политичка традиција, заради нејзината морална суштина и симболика, секако, наспрема граѓанството, но најмногу како внатрешен морален чин на индивидуата која ја дава заклетвата.

Преспанскиот договор е жешка тема по победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и изборот на Гордана Силјановска Давкова за претседател, особено по најавите на партијата дека нема да го користат уставното име на земјата. Од Грција секојдневно пристигнуваат пораки дека со внимание ќе следат како ќе постапи новата Влада за договорот од Преспа.