Москва го обвинува Зеленски дека провоцира нуклеарна војна

Руското Министерство за надворешни работи денеска го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за провоцирање нуклеарна војна, предупредувајќи ја Европа за последиците.
Киев ја гранатира нуклеарната централа Запорожје, а Зеленски бара не само членство во НАТО, туку и нуклеарно оружје за безбедноста на Украина, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Тој продолжува да провоцира нуклеарен конфликт со таквите изјави – нагласи таа.
Според неа, западна Европа е изложена на ризик да стане првата жртва на последиците од оваа „нуклеарна уцена“, пренесе ДПА.
– Наместо да продолжат со финансирање на воените напори на Киев, Европејците мора да го запрат украинскиот лидер. Зеленски не сака мир, тоа е очигледно – рече Захарова.
Зеленски неодамна неколку пати ја повика Москва да ги продолжи преговорите за прекин на огнот по што би следувал мир. Сепак, Кремљ инсистира на претходни услови, како што е предавањето на дополнителни украински територии од страна на Киев пред каков било прекин на борбите.
Захарова ги отфрли и изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој рече дека Украина можеби ќе мора да и отстапи територии на Русија за да постигне мир.
Ниту Германија, ниту ЕУ не се вклучени во преговарачкиот процес, рече таа.
– Сите изјави на нивното раководство на оваа тема за нас се бесмислени. Нема смисла да се реагира на изјавите на европските политичари сè додека континентот продолжува да ја финансира Украина – додаде таа.
Таа во своите забелешки ги спомна и Бугарија и Турција, иако Румен Радев, кој се смета за поддржувач на Кремљ, победи на неодамнешните предвремени парламентарни избори во Бугарија, а рускиот претседател Владимир Путин одржува пријателски односи со турскиот претседател Реџеп Ердоган.
Како членки на НАТО, двете црноморски нации сносат заедничка одговорност за еколошките последици предизвикани од нападите на Киев врз нафтеното пристаниште Туапсе, рече Захарова.
Таа се осврна на украинските напади со дронови врз терминалот во градот, кои предизвикаа големи пожари и излевање на нафта во Црното Море.
МИА
Ново на Сител
-

Пораките на Димитровска објавени во судница
-

Функционерите не ги пријавуваат подароците кои ги добиваат во Антикорупциска
-

Кривични пријави за 6 лица од стоматолошката комора - заработиле половина милион евра со злоупотреби на лиценци
-

Михаела Доцова избрана за претседател на бугарскиот Парламент
-

Пратенички прашања во Собранието
-

Се поставуваат камери од „Безбеден град“ во Охрид и Струга
-

Маржите за ѓубривата замрзнати, цените растат
-

Земјоделците ја поздравуваат мерката за поевтини ѓубрива, но бараат и засилен надзор од инспекциските служби
