Македонија
7. January 2024 - 17:08

МПЦ-ОА: Христос се роди! Да се обединиме духовно и национално

Православните верници го слават Рождеството Христово. Соборниот храм беше преполн на светата архиејерска литургија со која чиноначалствуваше поглаварот Охридски и македонски.

Потребно ни е духовно и национално единство за да опстоиме како црква и како народ порача во Божиќното обраќање поглаварот на МПЦ ОА.

 –Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева, и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа – порача г.г. Стефан за време на својата литургија.

На литургијата присуствуваа актуелни и поранешни политичари и како по обичај нивната суета надвладеа па не си го честитаа празникот на кој христијански е да се простува и да не сплотува. Верниците со радост го дочекаа празникот и посакаа здравје и мир за сите.

Свештениците ги причестија верниците кои денеска ги завршија божиќните пости. Православните верници го слават раѓањето Христово и се поздравуваат со честитката  Христос се роди, навистина се роди!