Македонија
23. October 2022 - 16:37

На пазар нема политика - стотици бугарски државјани пазарат во пограничните места

Затегнатите политички односи помеѓу Бугарија и Македонија не влијаат врз обичните граѓани. 
 
Тие добрососедството го практикуваат секојдневно, без договори и посредници. Показател за тоа се пограничните региони каде секој може да се види нормална комуникација помеѓу граѓаните и од двете страни на границата. 
 
Така е и во  општина Ново Село која важи за едно од традиционалните шопинг места за жителите на Петрич и околината. Бугарите тука доаѓаат за пазарење и прошетка, велат политиката не ги интересира, имаат одличен прием од домаќините, а со голем дел од нив веќе биле и пријатели. На политичарите и порачуваат  да не се расправаат и повеќе да го слушаат народот што ги избрал.
 
И жителите на Ново Село, но и пазарџиите со исти став. Велат, политика во нивната комуникација нема, ниту пак таа била причина за нарушување на односите со нивните пријатели и муштерии од Бугарија.
 
Дека комуникацијата од двете страни на границата тече без проблем потвруваат и бројките од граничниот премин Ново Село каде од почетокот на годината па заклучно со 20 октомври е регистриран влез на близу 95.000  бугарски државјани.
 
Во просек во четвртоците кога е пазарен ден во Ново Село границата ја минуваат по околу 500 бугарски државјани, додека во саботите таа бројка изнесува околу 850.