Македонија
1. August 2022 - 16:46

На северот од Косово денеска мирно по синоќешните тензии

По бурното деноноќие, во Северно Косово денеска мирно-блокадите на граничните премини се отстранети, а ситуацијата се стабилизира. Расплетот доаѓа откако косовските власти решија да ја одложат одлуката за српските регистерски таблички до први септември, откако имаа средба со американскиот амбасадор на Косово.

Косовските аналитичари не очекуваат и по еден месец да ескалира состојбата, поради членството во НАТО, но како што велат и српскиот претседател е свесен дека на никому не одговараат тензии во регионот. Крајно време е Србија и Косово да ги решаваат проблемите мудро како Македонија со своите соседи, вели аналитичарот Спахиу.

Русија стои цврсто до Србија, а барањата на Приштина се неосновани, се вели во последното сооштение на Кремљ.

 “Русија целосно стои до Србија во спорот со самопрогласената Република Косово и инсистира дека правата на Србите мора да бидат загарантирани со резолуција за овој конфликт“-изјави портпаролот на Кремљ.

Албанскиот премиер Еди Рама, пак со 100% поддршка за Косово. Нагласи дека косовската Влада донела правилна одлука со спроведување на реципроцитет, а потоа ја одложила за 30 дена и дека во вакви ситуации Косово има два начина, едниот е враќање и војна, а другиот е да седне на масата на “Отворен Балкан”.

“Овие ситуации не покажуваат дека Отворениот Балкан е непотребен или погрешен. Тие не покажуваат дека нашиот пристап кон Србија и политиката за приближување е непотребен, овие ситуации покажуваат зошто е потребен Отворен Балкан. Ова е причината зошто Косово треба да дојде и да седне на масата Отворен Балкан. Кога работите ќе тргнат наопаку има два начина. Едниот е војна од која никој не добива, другиот е градење мир. Ние сме луѓе и имаме обврска да оставиме мир на нашите деца.”

Стабилизирањето на ситуацијата и одлуката на властите во Приштина ја поздравија високите европски претставници.

“Отворените прашања треба да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ и да се фокусираат на сеопфатна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, што е од суштинско значење за нивната интеграција во ЕУ”, напиша Борел на Твитер.

“Ја поздравуваме одлуката на Косово да го прифати предлогот на Жосеп Борел за едномесечно одложување. ЕУ очекува веднаш да се отстранат сите блокади на патиштата. Борел ги повикува Косово и Србија да се вклучат во дијалог за напредок. Благодарам на американската амбасада во Приштина за силна поддршка” објави на Твитер, Мирослав Лајчак.

Поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател за преговори помеѓу Белград и Приштина, го нарече косовскиот премиер фашист, а забраната за српски таблички и личните документи ја нарече несовесна и непотребна.

Српскиот премиер Вучич по одлуката на официјална Приштина им се заблагодари на српските граѓани во Косово за нивната воздржаност и мирна реакција и побара да биде зачуван мирот.

Според одлуката на Косовскиот премиер во јуни, од денеска српските жители кои влегуваат во Косово требаѓе да добиваат влезно излезен документ на граничните премини, исто како што и косовските граѓани кога влегуваат во Србија. Требаше да се променат и српските регистерски таблички кои Србите кои живеат во северниот дел на Косово продолжија да ги користат и по 14 години откако Косово прогласи независност.

Но оваа мерка ќе биде одложена за 1 Септември, под услов денеска да бидат отстранети блокадите кои во текот на вчерашниот ден предизвикаа тензии во северниот дел на земјата.