Над 14 илјади пријавени сторители на кривични дела во 2025, најчести деликтите против имотот и прекршоците во сообраќајот

Во 2025 година е забележан пораст на бројот на пријавени полнолетни сторители на кривични дела, но истовремено и намалување на бројот на обвинети и осудени лица, покажуваат најновите статистички податоци. Во исто време, кај кривичните дела доминираат имотните деликти и прекршоците во сообраќајот, како кај полнолетните лица, така и кај малолетниците.
Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупно 14.237 полнолетни лица се евидентирани како пријавени сторители во текот на 2025 година, додека 6.996 биле обвинети, а 6.371 осудени. Во споредба со претходната година, бројот на пријавени е зголемен за 6,5 проценти, додека обвинетите се намалени за 7,7 проценти, а осудените за 5,7 проценти.
Кај децата во судир со законот, евидентирани се 505 пријавени случаи, од кои 305 завршиле со обвинение, а 196 со осуда. Во однос на 2024 година, тоа претставува пораст од 3,9 проценти во бројот на пријавени деца, но значителен пад од 34,7 проценти кај осудените малолетници.
Структурата на криминалитетот покажува дека најголем дел од делата се однесуваат на имотни деликти и сообраќајни прекршоци. Така, кај кривичните дела против имотот се регистрирани 3.484 пријавени сторители, 1.894 обвинети и 1.746 осудени, додека кај делата против безбедноста на јавниот сообраќај бројките изнесуваат 3.216 пријавени, 1.345 обвинети и 1.315 осудени.
Значително учество имаат и кривичните дела против јавниот ред со 1.180 пријавени лица, како и делата против животот и телото со 1.150 пријавени, од кои 724 обвинети и 517 осудени. Истовремено, 1.043 лица се пријавени за кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот, а 800 за дела против службената должност.
Меѓу останатите категории се издвојуваат кривичните дела против здравјето на луѓето со 746 пријавени случаи, против бракот, семејството и младината со 519, против јавните финансии и стопанството со 458, како и делата против правниот сообраќај (408) и правосудството (402).
Помал, но сепак значаен број случаи има и кај делата против општата сигурност на луѓето и имотот (274), против животната средина и природата (240), како и против половата слобода и моралот (124).
Во статистиката се евидентирани и категории со помал број случаи, меѓу кои се кривичните дела против работните односи (55), против човечноста и меѓународното право (67), како и против културното наследство (9), изборите и гласањето (6), оружените сили (6) и државата (14). Дополнително, регистрирани се и 36 случаи на кривични дела предвидени со посебни закони.
Кај децата во судир со законот, во 2025 година се регистрирани 505 пријавени случаи, 305 обвинети и 196 осудени. И тука доминираат имотните деликти со 195 пријавени деца, следени од делата против јавниот ред со 99 случаи, против животот и телото со 64, како и против безбедноста во сообраќајот со 57 случаи.
МИА
Ново на Сител
-

Државата ќе гради Национален дата-центар
-

Пет лица под лупа на ДКСК поради истовремено извршување повеќе функции
-

Се е подготвено за вечерашниот старт на Пиво фест, ќе трае до недела, се очекуваат гости од цела Македонија
-

Поплавени објекти и оштетени возила по големото невреме кое синоќа ја погоди Битола
-

Тема на денот со Драган Тилев, поранешен државен советник за европски прашања
-

Над 1000 граѓани во болница, пумпи со вода од Вардар биле приклучени на градскиот водовод!?
-

Над 1000 граѓани во болница, пумпи со вода од Вардар биле приклучени на градскиот водовод!?
-

Забрана за користење на водата во Гостивар
