Над 200 корисници преку проектот ТРАНСАКТ добиле бесплатни интегрирани социјални услуги и здравствени услуги
Во Прилеп се направи промоција на придобивките на проектот ТРАНСАКТ за давање на Интегрирани социјални услуги и здравствени услуги на семејства од социјален ризик кој од 2024 година се спроведува во општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Градско. Проектот за прв пат во Македонија понуди бесплатни услуги од типот на медицинска сестра во домот, бесплатни физотерапевтски услуги, бесплатна психолошка поддршка, поддршка од социјален работник, од специјален рехабилитатор и едукатор, како и логопедските услуги за граѓаните од социјален ризик.
Проектот целосно е финансиран од Австриското министерство за труд, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
„Ова е навистина еден пример за најдобра пракса на кој начин сестрите одат дома кај луѓето, директно во нивниот дом и нудат одлична поддршка и помош која навистина им е потребна“, изјави Харолд Фугер, аташе на Австриското Федерално Министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
„Австрија го има во секој случај водството во партнерството со Македонија, но исто така и во однос на европскиот пат на Македонија“, кажа Матијас Хуменбергер, заменик шеф на мисијата од австриската амбасада во Македонија.
Преку проектот се вработени 15 лица, медицински сестри и физиотерапевти, социјален работник, психолози, специјален рехабилитатор и едукатор.
„Моментално имаме опсег од 200 корисници, но се надеваме дека како што се зголемува бројката, но и во зависност од времетраењето на услугите кои ги нудиме, дека до септември оваа бројка ќе биде околу 700 корисници што би добиле услуги од нас. Не се само услугите во домот, дополнителна е поддршката со социјални пакети на социјално загрозени семејства со храна и хигиенски помагала кои исто така се обезбедуваат преку овој проект, а дополнително ќе бидат обезбедени и други услуги, со цел спектарот на достапни услуги согласно потребите на граѓани да биде се поширок“, вели Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
Проектот се имплементира во соработка со Центар за развој и едукација Прилеп и Центарот за социјална работа. Ова е продожување на проектот „Помош и нега во домот“ кој по неговото завршување премина под државна капа.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
