Надлежните апелираат да заживее дарувањето матични клетки - на Хематологија отворен Центар за трансплантација
Не ги познавале, но им ги спасиле животите. Минатата година две Македонки со нивните матични клетки им помогнале на двајца хематолошки пациенти со трансплантација да ја победат болеста. Сега и двајцата се во добра состојба, информираше директорката на Клиниката за хематологија. Таа упати апел до сите заинтересирани граѓани да станат потенцијални донори, бидејќи во Хрватска имаат 70.000 дарители, а кај нас веќе подолго време во регистарот за Коскена срцевина бројката е 5000 меѓу кои биле и двете хумани жени.
- Едната беше докторка, другата пациентка која што се пријавила за братот кој бил болен, за да ја типизираат. Меѓутоа, таа не била идентична со братот а испадна идентична со друг пациент. Тие два пациенти се во добра здравствена состојба, рече проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, директор на Клиниката за хематологија.
Министерот за здравство за зголемување на бројот на донори на матични клетки ќе побара помош и од лидерите на верските заедници.
- Ова ни е многу важно и затоа се надевам дека во иднина ќе ги повикаме сите поглавари на верските заедници заедно со новинарите и медиумите и ќе седнеме да разговараме како да ја подигнеме свеста на граѓаните и да се избориме, да спасиме живот преку ваков хуман чин, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Инаку токму за изведување на поголем број пресадувања на матични клетки денеска на Клиниката за хематологија со донација од Амбасадата на САД беше отворен нов Центар за трансплантација. Во него годишно ќе може да се третираат 120 пациенти со хематолошки малигни заболувања, не само од Македонија туку и од неколку земји од регионот бидејќи кај нив вакви интервенции не се изведуваат.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар