Надзорот на автопатите ќе утврдува кое археолошко откритие вреди а кое не?
Надзорниот инженер за новите автопати ќе има улога и на археолог. Ќе одлучува дали пронајдените предмети при ископ имаат археолошко значење, а ќе треба и да се грижи за нив.
Ова го предвидуваат измените на Законот за заштита на културното наследство кои треба да ја забрзаат изградбата на двата коридори. Проектите имале јавен интерес, па наместо институциите од културата, со археолошките открија ќе управува градежен инженер.
„Предложените дополнувања се со цел надминување на проблемите на изведувачите на работите во однос на обврските кои за нив произлегуваат од случајните археолошки наоѓалишта во текот на изведување на градежните работи на проекти од државно значење“, се вели во предлогот.
За Македонското археолошко друштво, измените се неприфатливи. Велат јавен интерес се и археолошките наоѓалишта кои би се откриле при изградба на автопатите.
Друштвото на археолози во понеделник со протест пред Собранието ќе се обиде да ги спречи пратениците да гласаат за измените со кои сметаат дека се остава простор за уништување на кулутурното наследство.
Од култура очекуваат решение кое нема ниту да ја забави реализицијата на проектот, ниту ќе го загрози културното наследство.
Реагираа и дел од политичките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ велат предлогот е за уништување на македонското културно наследство по терк на Артан Груби.
„Наместо стручни лица од областа, културното наследство на Коридорот 8 ќе ни го чува и заштитува НАДЗОРНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНЖЕНЕР!!! Ова е директен одраз на желбата на оваа власт, ДУИ-СДС, за незачувување и за маргинализација на македонското културно наследство“.
„Очигледна е намерата за олеснување на процедурите при изградба на Коридорот 8. Сето ова станува појасно со тоа што овој предлог-Закон го предлага ДУИ, кои заедно со анти-македонската СДС, не покажале никаква грижа за заштита на македонското културно наследство, особено во мигови кога е оспоруван македонскиот идентитет, историја и култура, велат од Левица.
Занемарувањето на евентуално пронајденото културно наследство е само едно во низата олеснувања за компаниите кои ќе ги градат Коридорите 8 и 10. Со измени во законите, Конзорциумот Бехтел и Енка добива ослободување од ДДВ, увозни давачки, акцизи за енергенси.
И овие измени како и промената на законот за културно наследство се предлози главно на пратеници од ДУИ откако вицепремиерот Груби доби обврска да ги координира активностите поврзани со планираните автопатски делници.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
