Најмалку 64 мртви и повеќе од 179 повредени во судирот меѓу двата воза во Шпанија

Најмалку 64 лица загинаа, а повеќе од 179 се повредени во судирот на двата воза утрово во Урда, во покраината Толедо, на линијата Мадрид-Севиља, покажуваат најновите податоци од Службата за цивилна заштита во Кастиља-Ла Манча, објавени од шпанските медиуми.
Припадниците на Цивилната гарда на местото на железничката несреќа изјавија дека најмалку четири вагони се превртени, јавува шпанската Антена 3.
Портпаролот на Синдикатот на железници, во врска со судирот на два воза во Урда, рече дека „можеме да зборуваме за десетици смртни случаи“.
Во изјава за Антена 3, портпаролката на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Естер Падиља, потврди дека сите повредени се евакуирани од возовите и дека спасувачките екипи ќе продолжат да ги извлекуваат телата.
Шпанското Министерство за транспорт како првична хипотеза идентификуваше дека човечка грешка од страна на диспечерот на железничката инфраструктура е главна причина за катастрофата, пишува Еј-би-си, еден од највлијателните шпански дневни весници.
Според информациите од министерството што ги обезбеди весникот, трагедијата се случила за време на поправка на дефект во сигналниот систем. Техничар од јавниот железнички оператор „Адиф“ работел на отстранување на дефект во главниот сигнален систем и не успеал да го предупреди брзиот воз „АВЕ“ дека има запрен воз на компанијата „Ирио“ на истата пруга директно пред него.
Тие дале наредба за тргнување иако другиот воз стоел на пругата.
Првичната полициска реконструкција покажува дека двата воза застанале во еден момент. Меѓутоа, операторот потоа дал одобрение и наредба возот „АВЕ“ да тргне, без дури ни да го извести машиновозачот дека возот „Ирио“ сè уште стои на пругата пред него. Бидејќи сигнализацијата не ја завршила својата работа, „АВЕ“ силно се удрил во задниот дел од запрениот воз, каде што два вагона биле згмечени и фрлени по железничкиот насип.
Адиф го прекина сообраќајот на брзите возови на линиите AVE во двата правци на линијата Мадрид-Андалузија.
Несреќата се случила во 8:30 часот утрово, кога возот „AVE 2080“, што сообраќал од Мадрид до Севиља, се судрил со возот „Ирио 6076“ што бил пред него, предизвикувајќи излетување од шините на последните два вагона од возот на компанијата „Ирио“.
Адиф пријави „железничка несреќа на брзата линија помеѓу Лос Јебенес и Урда“ и најави прекин на сообраќајот помеѓу Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија.
Компанијата „Ренфе“, од своја страна, соопшти дека прекинот на железничкиот сообраќај на линијата Мадрид-Андалузија е предизвикан од „судир помеѓу два воза“.
Во овој момент, ниту Адиф, ниту „Ренфе“, не дале дополнителни детали за околностите на несреќата или очекуваното продолжување на сообраќајот.
Во соопштението, „Ренфе“ изрази жалење што „првите извештаи за несреќата укажуваат на смртни случаи и повредени. Во овој момент, сите експерти на компанијата се фокусирани на обезбедување помош на жртвите и нивните семејства“.
„Ирио“, исто така, издаде соопштение во кое се вели дека „ги активирале сите протоколи за итни случаи, тесно соработувајќи со властите за управување со ситуацијата“.
МИА
Ново на Сител
-

МВР приведе 4 лица за двете убиства во Ѓорче Петров
-

Обвинителите избираат нов шеф за организиран криминал и корупција
-

Граѓаните ќе можат да вадат документи преку телефон - промовирана е новата апликација М.услуги
-

Студентите бараат 200 денари за оброк
-

Ќе се пресметуваат ли платите по час? Договор би требало да има до март
-

Подобра инфраструктура и решение за превозниците бараат германските компании кои работат кај нас
-

Филипче предупредува на недостиг на пари
-

Мицкоски тврди: Македонија економски лидер во регионот
