Македонија
15. November 2023 - 16:47

Напукнат мост ги сопре возовите на Коридор 10

Целосна блокада на железничкиот сообраќај на Коридорот 10 започна од вчера попладне, поточно од 15:25 часот, поради напукнат бетонски столб на железничкиот мост на Црна Река. Мостот е во близина на Археолошкиот локалитет „Стоби“, поточно на делницата помеѓу железничките станици  Градско и Кукуречани. ЈП Македонски железници за патничкиот сообраќај најде решение со тоа што обезбедува пренесување на патниците со автобуси помеѓу Градско и Криволак, но товарниот сообраќај е во целосен прекин.

А пак од Македонски железници преку кратко соопштение на веб-страницата известија дека експертите од областа биле на терен, по што на заеднички состанок ќе се носат одлуки како да се постапува во однос на случајот.

„Во врска со  настанатата ситуација со железничкиот мост на Црна Река кај локалитетот Стоби, сакаме ја  информираме јавноста дека на терен се излезени екипи на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, професори од градежен факултет, експерти и стручни лица од областа и истите вршат увид на моменталната ситуација по што ќе се одлучи како најсоодветно и најбрзо да се постапи за да се воспостави непречено функционирање на железничкиот сообраќај, се вели во соопштението на ЈП ЖРСМ Инфраструктура“

Инаку, железничката пруга Скопје – Гевгелија е дел од Коридорот 10 преку кој солунското пристаниште е поврзано со Европа. Мостот на Црна Река попушти и на 29 септември, 2018 година. Тогаш машиновозач додека управуваше со композиција ја забележа пукнатината во носечкиот столб. Тогашната санација на столбот траеше 40 дена што на ЈП „Македонски железници“ и создаде загуба од скоро еден милион и 360 илјади евра.

И додека надлежните крпат решение за овој проблем, нема воз ни од Скопје за Битола и обратно. Проблем е локомотивата што се расипала пред три дена. Од само еден воз за Битола, сега нема ниту еден што ја поврзува Битола со Прилеп, Богомила, Велес и Скопје и попатните места. 

За потсетување, неодамна поради оскудни капацитети на Железницата, остана само една возна линија меѓу Скопје и Битола.