НБ: Се намалуваат надоместоците за извршување на плаќањата во земјата и во СЕПА
Во рамките на активностите за модернизација на платниот систем и за поттикнување на електронските плаќања, Советот на Народната банка на седница донесе одлука за целосно нов модел за тарифирање на банките за извршување и порамнување на плаќањата во Македонскиот интербанкарски платен систем.
Моделот, како што информираат од Народната банка, се заснова на принципите и практиките на централните банки во евросистемот за фиксни и предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите, со што, велат, се создава простор за поедноставување и намалување на надоместоците што банките ги наплаќаат од клиентите за извршување на електронските плаќања преку платните системи во земјата.
-Воедно, Советот на Народната банка воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија. Ниските и фиксни надоместоци по трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата коишто ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, ќе доведат до значителна заштеда за државата при извршувањето на плаќањата на државните органи со европските земји, се вели во денешното соопштение од Народната банка.
Одлуката, донесена на вчерашата седница, велат од Банката, се носи во контекст на приклучувањето на нашата земја кон СЕПА и фазата на усогласување со европските стандарди којашто е во тек, а со која се создава основа за пошироко намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, како од страна на Народната банка за државните органи, така и од страна на банките за своите клиенти.
-Народната банка и натаму активно ќе работи на поедноставувањето и намалувањето на трошоците за плаќањата во земјава и кон земјите од СЕПА со крајна цел ‒ подобра услуга за граѓаните и поволна деловна средина за компаниите, нагласуваат од Народната банка.
На истата седница Советот на Народната банка го усвоил и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2025 година.
-Во услови на стабилен раст на економската активност, благо забрзана инфлација и зголемена неизвесност од надворешното окружување, банкарскиот сектор ja задржа стабилноста. Кредитната и депозитната активност бележат солиден годишен раст, а показателите за солвентноста, ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио и натаму се поволни. Растот на добивката на банкарскиот систем забавува во однос на истиот период лани, главно поради намалените каматни приходи. Народната банка и натаму ќе биде претпазлива во политиките, имајќи ги предвид светските ризици и ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем, велат од Народната банка.
Советот на Народната банка ја усвоил и Одлуката за воведување нов систем за прибирање и доставување податоци од банките и штедилниците. Новиот систем ИСИДОРА ќе овозможи пообемни и поквалитетни податоци за монетарната статистика, супервизијата и финансиската стабилност, усогласени со европските и меѓународните стандарди. Со фазна примена, системот ќе ја замени досегашната практика и ќе придонесе за поефикасно, пофлексибилно и поедноставно известување.
МИА
Ново на Сител
-
Протест на земјоделците во Брисел со барање за „силен“ буџет за земјоделството
-
Кубилиус: Историските спорови не треба да се решаваат со блокирање на кандидатите за членство во ЕУ
-
Фон дер Лајен: ЕУ ќе им овозможи на кандидатите за членство целосен пристап до средства од инструментот „Глобална Европа“
-
Лишена од слобода лекарка од Битола заради примање поткуп
-
Божиновска за ветерниот парк кај Штип: Силен сигнал за стабилни инвестиции и зелена транзиција
-
Медиуми: Франција и Италија одбиваат да купуваат американско оружје за Украина преку НАТО
-
ОЈО Битола постапува во случајот со примање поткуп во Болницата во Битола, повеќе детали се најавуваат за утре
-
Пожар од прскалка на роденденска забава во Свети Николе