НБРМ ги намали надоместоците за банките, се чека тие да ги спуштат тарифите за граѓаните и фирмите
Народната банка ги намали надоместоците кои банките и ги плаќаат за транскации во МИПС. Со новиот модел, трошоците за електронски плаќања на комерцијалните банки ќе им бидат пониски, по што гувернерот очекува и тие да го следат сигналот, односно да ги намалат провизиите кои им ги наплаќаат на граѓаните и бизнисите. Ако доброволно не го сторат тоа, Славески вели дека има начин како да ги ревидираат тарифите. Рок не им даде, но разговорите со секоја поединечна банка веќе почнале.
Има начини, има идеи како да ги намалат ако не го следат сигналот. Рок не им давам за колку време очекувам да постапат, но јас верувам дека некои, сега во моментов веќе го прават тоа, изјави Трајко Славески, гувернер на Народната банка.
Додека се чекаат пониски тарифи од деловните банки, гуверенерот најавува и мерки против високите цени на недвижнините. Вртоглавиот скок на метар квадратен, од над 22 отсто во првиот и вториот квартал годинава, Славески смета дека се должи на шпекулација.
Според мерењата направени досега цените на недвижностите се високи. Тоа е веќе причина за загриженост. Народна банка во консултација со другите институции ќе треба да го реши овој проблем. Би сакале да ги насочиме нашите активности кон јасна дистинкција на она што значи кредитирање на граѓаните за решавање на станбено прашање, посебно на младите, од кредитирањето како инвестиција или во некој случај шпекулација во очекување на повисоки цени на становите. Затоа што сме свесни дека станот или куќата во кои живееме може да стане место за шпекулација бидејќи состојбата каква што е може да предизвика социјални и економски проблеми – рече Славески.
Што се однесува за мерки против инфлацијата, очекувањата на гувернерот се дека таа ќе се стабилизира, но доколку растот на цените продолжи, ќе регираат соодветно. Во меѓувреме, Владата веќе прави анализа дали да се воведат ограничени цени или маржи за да се спречи секојдновниот скок на цените на храната.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар