Македонија
6. October 2023 - 16:49

Нема крај за проблемите на дијабетичарите

Околу 35.000 дијабетичари се уште чекаат државата да им обезбеди ленти и глукомери. Повеќе од десет месеци се оставени сами да се снаоѓаат за неопходните средства за контрола на шеќерот во крвта. Иако надлежните тврдеа дека проблемот е надминат, од Сојузот на здруженија на дијабетичари велат дека доставата доцни и сега имало поголем хаос во инсулинските аптеки. 

- Според роковите досега требаше ленти и глукомери да добијат ¼ односно околу 12.000 пациенти да бидат комплетно покриени. Но, во аптеките се случува хаос, некаде добиваат глукомери само за тип 1, некаде само за тип 2, некаде наместо 5 пакетчиња ленти колку што ги следува им даваат по 2. Ако пред месец дена алармиравме дека 40.000 лица кои се на инсулин се оставени без основните средства, и понатаму тоа се случува со 35.000 дијабетичари, изјави Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Во Сојузот на здруженија на дијабетичари се уште чекаат министерот да ги повика бидејќи пред медиумите најавија дека ќе им ги достави на увид документацијата за новите ленти и глукомери откако пациенти изразија сомнеж во квалитетот и реагираа дека истите ги добиле спакувани во кеси без гарантен лист, бар код и упатства за употреба.

Како и кога ќе се надминат проблемите на дијабетичарите од Министерството за здравство конкретен одговор не добивме.