Македонија
8. November 2023 - 16:32

Нема медицински кадар, а лекови има до нова година - Клиниката за Онкологија бара помош од надлежните

Терапија има до Нова година, а бројот на болни од рак од ден на ден се зголемува. Раководството на Клиниката за онкологија упати апел до надлежните институции да обезбедат повеќе пари за да има лекови за сите пациенти и итно вработување на најмалку 35 медицински лица. Специјалистите дневно имале и по 70 –тина прегледи.

-Доволни ли се 5 -15 минути за еден пациент?

- Не, не се доволни, ниту еден лекар не си оди на крај на работното време, ниту еден пациент не е оставен не прегледан, изјави д-р Билјана Клисаровска, директорка на Клиниката за онкологија.

Ова го слушаше и министерот за здравство. Тој уверува дека терапија и буџет мора да има. Фатмир Меџити јавно ги повика неговиот колега од Финансии Фатмир Бесими итно да одобри вработувања на лекари, сестри и техничари на онкологија, а обвинителството што поскоро да излезе со информација кој е виновен, а кој не за скандалот на Клиниката, зошто според него ова веќе не се издржувало.

- Апел до обвинителството, крајно време е да излезат со факти, кој се огрешил, а кој не, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

За да се надмине хаосот со пациенти на онкологија министерот вети едукација на кадар и дисперзирање на болните по другите радиолошки центри низ државата зошто во моментот сите доаѓаат на Клиниката каде се инсталира 4-от акцелератор , а скапо платените вакви аапарати за зрачна терапија за во Штип, Битола, ГОБ 8 септември фаќаат прашина.

Фатмир Меџити најави и нова пракса. Документите за секоја злоупотреба во здравствените установи лично ќе ги носел во обвинителството.

- Јас лично ќе носам документи во обвинителството и навремено ќе бидете информирани за тоа.

Инаку КАТО системот на онкологија за чување, дозирање и да се спречи евентуална злоупотреба со цитостатици најрано во јуни ќе биде ставен во функција. Колку ќе чини засега не се знае.