Нема потреба од паника, залихи на нафта има доволно
Нема потреба од паника. Нафта на бензиските ќе има. Некој се обидува да создаде вештачка криза, за да заработи повеќе, вели министерката за финансии откако на социјалните мрежи се појавија информации дека снемува гориво или дека се точи до одредена сума. На вчерашниот состанок, претставниците на нафтените компании истакнале дека состојбата е стабилна и има доволно залихи. Можно е да се појавил проблем на одредена пумпа, ако се потрошила количината па потребни се неколку часа истата да се транспортира од складиштето до пумпите.
Жал ми е што во секоја ваква ситуација поединци секогаш се трудат да остварат профит и тоа е целта што најверојатно голем дел од луѓето ги води, па созвдаваат вештачки кризи, дека нема доволно нафта. Состанокот вчера беше на одлично ниво, ниту една компанија не кажа дека воопшто има каков било проблем со залихи на нафта. Вчера беа сите нафтени компани, прашани беа една по една и сите рекоа дека се е во ред. Ако газдите не знаат каква е ситуацијата, не може ние да викаме дека не како што треба. Нема потреба од создавање паника, а законите имаат предвидено се и институциите ќе постапат, изјави министерката за финансии Гордана Димирисока Кочоска
Новата цена на горивата Регулаторна ќе ја објави во понеделник. Ако има големо зголемување, Владата ќе интервенира во делот на акцизите и ДДВ-то. Но евентуално повисоките цени, за сега нема да ги поскапат транспортните услуги, уверува ресорниот министер Николоски.
„Во овој момент не очекуваме флуктуација на цената на услугите, затоа што превозниците имаат многу поволности - плаќаат најнизок персоналец.“, изјави Николоски.
На берзите пак, цените уриваат рекорди. Барел се приближува до 90 долари. Запрениот проток на танкери низ Ормутскиот теснец, наскоро може да ја вивне цената и до 150 долари за барел, а гасот да поскапи за 40 отсто, изјави катарскиот министер за енергетика. Дури и ако конфликтот брзо заврши, ќе требаат неколку недели за да се врати на нормалниот цуклус на снабдување, откако беа погодени неколку постројки на најголемиот производител на течен гас - Катар Енерџи. Во соседна Србија од денеска се точи поскапо гориво за 3 динари, односно за 1,5 денар. Претседателот Вучиќ најави дека поскапувањето на горивата ќе го ограничи на денар и пол по литар, иако реалната цена би можела да биде повисока.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
