Нема штрајк во ЈСП, автобусите возат редовно
Вработените во ЈСП се пишманија. Најавија штрајк, па почнаа да возат. Наместо во 4:30, автобусите ги извадија од гаражите два часа подоцна, откако добиле ветување дека денеска ќе има плата.
Првиот синдикалец вели на средбата со директорот им било кажано дека има проблем со трезорот и префрлањето на парите за субвенции.
„Ништо не се знаеше до раните утрински часови, затоа што не работи ништо, ни институции, трезор, банки...Веројатно кога се собрани доволно информации дека трансакцијата ќе биде потврдена, тогаш падна и таква одлука, во корист и среќа на нашите крајни корисници“ – Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП
По постојките утринава граѓаните трпеливо чекаа автобус.
„Има гужви по постојките, редовно патници. Сабајле еве жалносно за децата нема со што да отидат на школо“
„Ретко идат. Јас сум од Лисиче, порано доаѓаа на секои пет минути сега на саат време“
„Кому му треба ќе чека. Некогаш и празни одат. И тоа треба да го гледаме малку. Извинете, ми дојде седмица, морам да идам...“
Вака брзаат сите, оти ако го пропуштат, следниот автобус можеби ќе го чекаат подолго време.
Штрајкот беше најавен ненадејно вчера попладне, спротивно на законот за јавни претпријатија.
Таму пишува, ако работниците одлучат да штрајкуваат, 7 дена пред да го најават штрајкот треба писмено да го известат директорот и да ги наведат причините, а треба да поднесат и предлог за решавање на спорот. Ако не се постигне договор за 15 дена, синдикатот доставува одлука за штрајк до директорот најмалку седум дена пред да почне штрајкот.
ЈСП обвинува за политички влијанија.
„Уште еднаш на виделина се покажа кој работи против интересите на граѓаните, а кој во негов интерес, јасно е дека одредени структури во градот сакаат политички да се пресметуваат со градската администрација и вработените во ЈСП, а на штета на граѓаните.“
Реагираа и партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат:
„Коалицијата на Данела Арсовска, СДС, ДУИ и Левица во Град Скопје се директно одговорни за хаосот во ЈСП. Тие пред само еден месец лажеа, драматично го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ дека е одговорен за тоа што во Скопје нема градски превоз поради доцнење на платите. Но вистината излезе на виделина после помалку од еден месец.“
СДСМ, пак, гледа вина во ВМРО-ДПМНЕ.
„Локалната власт на ДПМНЕ во Скопје буквално го уништи јавниот превоз во градот, иако на граѓаните се уште им се свежи сеќавањата за бесплатен јавен превоз, нови 250 еколошки автобуси, фабрика за автобуси и слични погазени ветувања.“
Социјалистичката партија на Македонија прашува каде се парите на граѓаните.
„Дали ЈСП ги доби изгласаните субвенции од скоро 700 милиони денари? Ако ги доби, каде се платите на вработените? Ако не ги доби, тогаш дали е точно дека Буџетот на Град Скопје нема средства за тековно да ги сервисира потребите?“
ЈСП минатиот месец доби 11 милиони евра субвенции од Град Скопје. Тогаш Арсовска им кажа на вработените дека со овие пари цела година ќе има редовна плата.
Но, неполн месец подоцна, ЈСП повторно има проблем со исплата на платите во законскиот рок.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
