Македонија
12. September 2023 - 19:48

Неподнослива миризба со денови ги гуши прилепчани

Повеќе од 3 недели во Прилеп се чувствува непријатна миризба која наликува на изгорена пластика или друг вид на хемикалија. Најголемиот дел од граѓаните се сомневаат дека миризбата доаѓа од фабриката Ламинати Ком која се што се занимава со одреден вид на хемикалии и смоли при своето производство. Дел од жителите пак на населба каде се наоѓаа оваа фабрика се сомневаат дека освен Ламинати Ком загадувањето го правеле и пожарите кои во последен период зачестиле во кругот на поранешниот гигант 11 Октомври каде под сувата трева горат разни штетни материи. Таков пожар начекавме и денес.

„Таа испушта некоја миризба, штетна миризба, можам да кажам смрдеа. Се чувствува лутење на очи, нос, грло, едноствно не можеме да дишеме,. Верувајте луѓе дека не трујат“, вели Митре Милески, жител на Прилеп.

„Еве сега има пожар тука, што сметате од каде доаѓа од Ламинати или од тука? Има миризба и од Ламинати и од тука, затоа што ова што гори сега е истиот материјал како од Ламинати“, додаде Драган Секулоски, жител на Прилеп.

И другите жители на Прилеп се жалат на непријатна миризба, но не знаат од каде доаѓа.

„Не трујат веќе не можеме прозорец да отвориме, децава ни е страв  надвор да ги пуштиме  малите“, кажа една граѓанка.

„Чувствуваме да како на џад нешто мириса“, вели друга граѓанка.

„Како да ти кажам мириса како изгорена пластика, и јас не можам точно да кажам на што мириса“, истакна друг граѓанин.

Еден од сопствениците на Ламинати Ком, Томе Ѓорѓиески, кој не сакаше да даде изјава во камера, демантира дека тие загадувале. Вели дека во последните 15-тина денови немале пуштено да работат ниту машини кои се приклучени на филтри и дека работеле според сите пропишани стандарди со интегрирана Б еко дозвола. Се сомнева дека миризбата доаѓала од пожарите кои се случувале во кругот на поранешен 11 Октомври. Од Општината пак велат дека по пријави на граѓани деновиве имале секојдневни контроли на теренот. 

„Ситуацијата се испитува од каде доаѓа непријатната миризба, за жал во овој момент не е утврдено од каде е тоа и не може да се каже ништо повеќе“, кажа Влатко Петкоски, портпарол на Општина Прилеп.

Засега не се знае дали и колку миризбата е штетна по здравјето на граѓаните. Инспекциските контроли ќе продолжеле се до наоѓање на загадувачот.