Невладини: Најпрво оценска мисија па потоа избори за членови во Судскиот Совет
Судиите да го бојкотираат изборот на членови на Судскиот совет. За невладините е нејасно како само ден пред номинирање на кандидатите, советот одлучил дека тие судии работат законски и ги отфрли претставките за нивна одговорност.. Предлагаат првин да заврши оценската мисија на ЕУ за оценка на работата на советот па потоа да се пополнат местата на членовите кои поднесоа оставки.
„Ваквата мисија ќе биде добредојдена затоа што очигледно и на толку критики упатени од страна на домашните експерти не се постигна посакуваниот ефект бидејќи видовме декап ритисокот од меѓународната заедница има многу поголем ефект во поглед на раздвижувањето на работите во домашниот правосуден систем, па токму поради тоа сметаме дека ваквата оценска мисија практично само ќе даде тежина и кредибилитет на оние наводи на кои невладините организации ги изнесоа“, вели Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“.
Најавата за европска проверка на работата на советот доби поддршка од премиерот, но, за опозицијата е нејасно зошто се плаќаат домашните институции ако нивната работа треба да ја оценуваат странци.
„На отворена сцена Димитар Ковачевски признава дека е неспособен и дека освен тоа што размислува за парцели за фотоволтаици буквално за ништо друго не го бива да сработи. Па сега ние само ќе носиме оценски мисии вакви, експерти од странство такви овие ќе ни ја прават реформата оние ќе ни ги завршуваат проектите зошто е тогаш тој премиер? Не знаеше што се случувало со Мерко, поздравува експерти од странство, тогаш за што ги плаќаме институциите и кој е тој кој треба да управува со тие институции за да носиме дополнително од надвор луѓе кои ќе ни кажат колку институциите не ги бива?“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
За Социјалистичката партија на Македонија, прифаќањето на ЕУ мониторинг е признание на владата за катастрофалните состојби во судскиот систем.
„Судиите и обвинителите се под политичко влијание и целосна контрола на СДС и ДУИ што е апсолутно недозволиво, носат неверојатни нелогични одлуки кои не се во склад со правото и правната логика. Судскиот и Советот на јавни обвинители со право се изложени на жестока кампања од граѓаните, од медиумите, од партиите и од меѓународните претставници кои гледаат каков криминал и корупција има во овие структури, а за што во одредена мера и тие сносат вина. Тоа мора да се промени и да си понесат одговорност власта и овие органи за штетните политики и одлуки спротивни од правните норми и прописи“, се вели во соопштението на СПМ.
Судски вчера негираше дека работи незаконски.. Свесни се за лошата слика која ја имаат во јавноста па прифаќаат нивното постапување да го провери мисија на Европската унија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
