Невреме предизвика голема материјална штета низ Словенија, десетици интервенции на пожарникарите

Силното невреме проследено со обилни дождови и со бурен ветер, кое вчера зафати делови од Словенија, предизвика значителна материјална штета, а до утрово регистрирани се 33 интервенции само на подрачјето на Крањ.
Обилните врнежи поплави куќи и подруми на станбени згради, додека силниот ветер оштети покриви и урна голем број дрвја. Во текот на доцните вечерни часови невремето се премести кон Горно Посочје, откако над Италија се формирал посилен бурен систем што се движел кон југоисток. Во Приморскиот регион силен ветер дувал и во текот на ноќта, а главниот правец на движење на бурата бил кон хрватска Истра.
Според словенечката Управа за цивилна заштита и за спасување, најмногу проблеми имало во Горењска, особено во подрачјето на Крањ, каде до 6:45 часот биле евидентирани 24 пријави за инциденти. Уште три пријави биле регистрирани во општината Горења Вас-Пољане, а една во Накло. Проблеми се пријавени и во Корошка, каде што се евидентирани четири инциденти во Словењ Градец, два во Дравоград, како и по еден во Мислиња и во Превале. Според досега достапните информации од терен, во невремето нема повредени лица.
Интервенции имало и во североисточниот дел на Словенија и во Подравскиот регион, односно во Штаерска, каде 15 противпожарни единици испумпувале вода од поплавените објекти, обезбедувале оштетени покриви и отстранувале паднати дрвја од коловозите.
Како што пренесува словенечкиот информативен портал „24УР“ (24ur), метеоролозите предупредуваат дека попладне и во текот на вечерта се можни нови и значително посилни временски непогоди.
МИА
Ново на Сител
-

РКЕ: Нови цени на горивата од полноќ, бензините поскапува за три, дизелот за шест денари
-

Димитриеска-Кочоска: Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата
-

Милановиќ со критики за францускиот протокол: Вучиќ не требаше да биде сместен пред Пленковиќ на воената парада во Париз
-

Две лица загинаа и повеќе од 80 се повредени за време на прославите на светската титула на Шпанија
-

ЦУК: До 18 часот регистрирани осум пожари на отворено, еден сè уште активен
-

Трамп сака САД наскоро пак да бидат домаќини на СП во фудбал
-

МЗ: Забележано почетно намалување на бројот на новoпрегледани пациенти во Гостивар, активно се следи состојбата на терен
-

Бернам: На Велика Британија и треба нов политички и економски модел
