Македонија
28. October 2022 - 16:32

Никако да продолжи процесот за случајот „Ласкарци“, заглавен во лавиринтот вештачење

Случајот „Ласкарци“, речиси една година чека супервештачење за да продолжи судењето за несреќата која одзеде 16 човечки животи. Од судот велат, недостасувале вештаци.. Бирото за судски вештачења, пак, чекало дозвола од Кривичен за увид во автобусот. Во меѓувреме, Министерството за правда најавува нов закон за вештачење.

Поради недостиг од вештаци е заглавено судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, тврди в.д претседателот на Кривичниот суд. Речиси пред една година е побарано Бирото за судски вештачења да направи нова експертиза, но како што вели Џолев, супервештачењето доцни заради малиот број стручни лица.

Во меѓувреме, Бирото за судски вештачења побарало судот да дозволи увид во автобусот, за како што велат, седуммината експерти да го финализираат супервештачењето за несреќата. Барањето било испратено пред еден месец, но како што велат за Сител од Бирото за вештачења, досега, Кривичниот суд не одговорил на барањето.

Од правда пак, најавија нов закон за вештачење. Прецизни правила за подготовка на вештачења и добивање лиценца, измени во регистарот на вешти лица се дел од измените предвидени со новото законско решение.

И додека се чека супервештачењето за несреќата која одзеде 16 човечки животи, Кривчниот суд со помош на ОБСЕ опреми уште една судница со видео и звучна опрема, за која првите луѓе на судот и правда, сметаат дека ќе го подобри правораздавањето и довербата во правосудството.