Македонија
3. December 2017 - 16:19

Христина Миовска од Струмица не дозволила церебралната парализа да и биде животен хендикеп

Едноставна, скромна и полна со позитивна енергија што ја пренесува на сите околу неа, ова е првиот впечаток за 21 годишната Христина  Миовска од Пехчево.Уште како дете и дијагностицирале детска  церебрална парализа, а на дванаесетгодишна возраст од родниот град морала  да биде сместена  во заводот во Бања Банско.

Тука поминала околу седум години, завршила основно образование, а потоа и средно економско училиште. Од заводот има безброј убави спомени и голем број пријателства, но желбата да за самостоен живот од ден на  ден станувала се поголема. По завршувањето на средното училиште и неможноста да го продолжи образованието пред се од материјални причини Христина решила да побара работа . Со помош на социјалниот работник од заводот успеала во намерата и се вработила во такси компанија во Струмица.

,, Кога почнав средно училиште да одам во гимназијата имав некој план после завршувањето на школувањето да излезам да најдам работа и да почнам сама да се грижам за себе,  само ми требаше помош на почетокот за да можам да успеам во тоа. Вработените во заводот што беа ми помогнаа колку толку да можам да најдам работа. Јас кога излегов од заводот бев решена ако еден ден излезам дека нема да се вратам. Не дека не беа добри годините и времето што го поминав таму, ама мислам дека едноставно се затвараш, немаш пристап со многу луѓе, неможеш да комуницираш.,, вели Христина Миовска

Христина веќе две години е самостојна.  Сега живее под кирија со неколку цимерки и работи како диспечер во такси компанија во Струмица.  Презадоволна е од работата бидејќи била динамична и нудела можност за голем број контакти со различни луѓе. Вели одлуката за самостоен живот била тешка, но со помош на вработените од заводот и колегите од работа кои ја прифатиле без никакви предрасуди успеала да го направи и тој чекор и да си докаже пред се на самата себе, а потоа и на другите дека знае, може и умее, без разлика на физичката попреченост.

,, На почетокот беше малце тешко, ама со текот на времето се навикнував. Бев добро прифатена и од колегите и од сите. Немав проблеми со прифаќањето. Секоја работа што ја работиш си има своја тежина, ама ако се потрудиш доволно за да направиш нешто да успееш мислам дека ќе можеш.,, додава Христина

Не се срами од својот хендикеп, но вели понекогаш и сметаат чудните погледи на околината. 

Христина е само една  од многуте решителни и храбри лица со посебни потреби кои преку личниот пример покажуваат дека и тие знаат и можат. Таа несака сожалување, бара разбирање и поддршка од другите во општеството и можност да биде рамноправна со останатите . Се надева дека во иднина ќе и се оствари желбата да заврши високо образование  и да стане дипломиран правник кој ќе може со својот труд да си обезбеди сопствен дом.