Македонија
26. January 2018 - 16:38

Десет компании во Струмица потенцијални загадувачи на воздухот

Десет правни субјекти во општина Струмица се потенцијални загадувачи на воздухот во градот.  Контролите кои ги извршиле инспекторите за животна средина покажале дека во нивното работење користеле недозволени материјали за затоплување на производствените капацитети. Тие се задолжени да направат промена на огревниот материјал, а доколку тоа не се случи ќе се соочат со санкции. Од локалната самоуправа информираат дека во изминатиот период инспекторатот за животна средина вршел континуирани контроли кај правните субјекти за да се утврди дали и колку го загадуваат воздухот. Посебна контрола се вршела и се уште се врши на инсталацијата која што служи за затоплување на работните простории, односно, дали се користи отпад што е забранет согласно важечките законски прописи.

,, Досега се извршени вкупно 19 контроли. Десет правни субјекти ,  најголем дел од текстилната и прехранбената индустрија се задолжени во одреден рок да извршат мерења во соодветни и лиценцирани лабаратории за емисијата на штетни гасови во воздухот, по што повторно ќе бидат исконтролирани од страна на инспекторот за животна средина, а кај 9 правни субјекти не се констатирани неправилности. Согласно овластувањата и надлежностите, општина Струмица продолжува со контролите кај сите потенцијални загадувачи во градот.,, рече Александар Оџаков секретар на општина Струмица.

Прашањето околу загадениот воздух во Струмица стана актуелано на почетокот од овој месец откако беше поставена мерна станица која покажа енормна загаденост на воздухот во градот. На таквите информации реагираа од општината со појаснување дека мерната станица била во пробна работа и затоа параметрите добиени во овој период не треба да се земаат во предвид. Каков е квалитетот на воздухот ќе се знае откако ќе биде направено баждарење и калибрирање на инструментите во самата мерна станица.