Македонија
29. July 2018 - 16:31

Селски двор во Габрово попривлечен и од познатите летувалишта

Обичен селски двор поатрактивен од најлуксузните летувалишта. Така велат холнаските туристи кои решиле да ја посетат Македонија и нејзините природни убавини.

Воодушевени  и презадоволни од гостопримството, храната и раскошната природа беа  и групата туристи која како дел од нивната тура го имаше и селото Габрово. Тука тие посетија фарма за производство на органско овошје и зеленчук и ручаа во еден од селските дворови. Ги пречекаа со трубачи и старата македонска песна.

За Македонија знеле многу малку и тоа од интернет, тоа што го  виделе им се допаднало, но позитивното изненадување следувало откако дошле тука. Велат им се допаѓа се, од луѓето и нивната срдечност, па се до сместувањето,.

„Го имам прошетано половина свет и воопшто незнаев што да очекувам од Македонија.  Но пријатно сум изненадена, од природата, планините и зеленилото, бевме и во Охрид, се воодушевив, а многу сум фасцинирана од луѓето. Посебно ми е интересно вашето писмо и кирилицата, многу е возбудливо да ги учам буквите. Следниот пат нема да дојдам со група, ќе дојдам со кола и со пријателка да и ги покажам и нејзе убавините , а и да имам повеќе време да прошетам и да се запознаам со сите убавини, вели туристка од Холаднија.

„Гледав на интернет клипови од Македонија , се воодушевив колку е убава и тогаш одлучив да дојдам и да видам како е навистина. Многу ми се допаѓаат луѓето, љубезни се и добри, многу сум пријатно изненаден од целата атмосфера во која не пречакаа.  За мене се е ново и интересно, вели турист од Холандија.

„Сме биле на многу места низ светот, но овде навистина е преубаво.  Бевме во една винарија и многу ми се допадна подрумот со буриња, но и глетката кога се будиш наутро, лозови насади, а околу нив планини, вели туристка од Холандија.

После орото и песната со која беа пречечани , на отворено,  под  дебелата сенка од киви  на дрвени клупи послани со македонки килими  време е за  традиционална кујна. Додека во фурната се пече  лебот од кој  мирисот  се шири низ целиот двор,  ручекот започнува со домашна супа.

Домаќинот, Костадин Костадинов  вели дека во пречекот на гостите е вклучено целото семејство.  Во зависност  од групата понудата е различна, но едно е задолжително , домашен грав и ориз со пилешко кои се подготвуваат пред нив на шпорет на дрва.

„Типично во подгорскиот крај кога доаѓаат гости од страна се сервира тавче гравче, ориз и пилешко месо. Тоа е старо јадење кое се сервира многу оддамна во знак на гостопримство кон  гостот, вели Костадин Костадинов, домаќин.

После ручекот следува здравица со домашна ракија и вино, а за десерт свежа лубеница и диња.  Посетата завршува онака како што започна со старата македонска песна, но овој пат без трубачи и оро, туку на маса, за душа.