Во Струмица промовиран првиот бизнис иновациски центар во земјава
Промовиран првиот бизнис иновациски центар во Македонија. Центарот кој е со седиште во Струмица ќе има за цел поддршка на бизнис секторот и поттикнување на иновациите. Одлуката за отвoрање на центарот е донесена пред четири години, а во периодот од идеја до реализација на проектот направени се голем број истражувања, детектирани повеќе проблеми и подготвени повеќегодишни стратешки планови за развој. Центарот ќе добива и техничка поддршка од реномирани експерти, кои треба да ја воведат европската методологија.
,, Бизнис иновацискиот центар претставува еден мост помеѓу јавниот, приватниот и академскиот сектор. Целта и улогата на истиот е да ги поттикнеме иновациите и истите да ги претвориме во производ, економски производ, да ги отвориме пазарите надвор од Македонија, да ја подобриме конкурентската предност на компаниите.,, рече Ксенија Вангелова, директор на Бизнис иновациски Центар.
За градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски центарот кој е дел од стратегијата за локален економски развој 2016 - 2020 година ќе значи многу за развојот во општината.
,, Поттикнувањето на претприемништвото и иновациите, поддршката за создавање нови иновативни и високотехнолошки компании, создавањето услови за отворање на нови работни места, креирањето развојни стратегии на компаниите, се само дел од многуте цели на постоењето на овој бизнис иновациски центар Струмица, рече Коста Јаневски, градоначалник на Општина Струмица.
На промоцијата на бизнис иновацискиот центар кој е прв од таков вид во државата присуствуваа голем број стопанственици, претставници од образовни институции и претставници на владата. Во рамките на активностите на центарот беше промовиран и проектот за поттикнување новитети во земјоделството.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
