Македонија
2. November 2018 - 20:54

Струмичките средношколци немаат средства за светскиот натпревар по англиски јазик

Учеството на струмичките средношколци на светскиот шампионат по англиски јазик лебди во воздух. Немањето  доволно пари   е единствената причина. На десет дена пред натпреварот кој се одржува на престижниот американски универзитет  Јеил  неизвесно е дали осумте ученици од средното училиште Јане Сандански и нивните двајца  ментори ќе успеат да ги соберат потребните средства и да заминат како  единствени  македонски претставници  помеѓу 60.000 ученици  од целиот свет.  Се обратиле до сите локални и држави институции,  но скоро од секаде добиле негативен одговор. Од потребните 14 000 американски долари имаат обезбедени само 4000 и тоа благодарение на родителите на учениците и поддршката на одредени спонзори.

,, На тој натпревар учествуваат ученици од цел свет, ама буквално од цел свет и затоа се толку високи и цените. А знаете во нашата држава ако не е препознаен од институциите натпреварот финансиите паѓаат на грб на родителите. Упатувам последен апел да ни помогнат да не ни се случи тимовите да ни бидат пополнувани со членови поради финансии од други држави.,, вели ВЕРА ЈАНКОВА – ПРОФЕСОР ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК

За Бојана Витанова која е дел од тимот и која заедно со нејзините соученици од глобалната рунда од  Барселона се врати со 60  медали во повеќе категории  учеството на светскиот шампионат во САД е многу значајно. Вели ова е можност за нови искуства и знаења, но и претставување на сопствената  држава.

,, Тоа претставува еден голем предизвик за нас и ние добиваме шанса да се натпреваруваме со врсници од целиот свет и тоа ни дава шанса да ги прошириме нашите хоризонти и влијанија во светот.,, вели БОЈАНА ВИТАНОВА - УЧЕНИК

Покрај искуството кое ќе го стекнат на натпреварот,  учениците врз основа на постигнатите резултати стануваат и потенцијални  стипендисти на универзитетот Јеил. Струмиччите средношколци велат дека се подготвени, веруваат во себе и своите знаења и се надеваат на висок пласман, единствено што им недостасува е финансиската поддршка.