Македонија
3. April 2019 - 10:54

Се урна Цесна, загина четиричлено семејство од Бугарија

Четиричлено семејство од Бугарија загина во авионска несреќа на Солунска глава. Цесната со германска регистрација во која биле татко, мајка и двете ќерќи  во 15 часот полетала од Охрид за Софија. Час и 15 минути подоцна од македонската навигација беше пријавено дека малиот авион бил изгубен од радарот. Вечерва МВР потврди дека авионот бил лоциран од воздух околу 19 часот на непристапен терен на висина над 2000 метри. Од полицијата нема официјална потврда дали патниците се починати. Истрагата ќе продолжи утре, кога и ќе се пристапи директно до урнатата Цесна.

-Лоцирани се преку воздушен простор. Временските услови на локацијата се лоши, па и покрај сите обиди да се пристапи до локацијата, тоа засега е невозможно поради непристапен терен. Се прават обиди во најскоро можно време да се дојде и физички до авионот, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР

Неофицијално лошите временски услови се причина за падот на леталото. На местото на несреќата имало околу половина метар снег. Од М-Нав потврдија дека било мпобарано авионот да слета во Скопје.

-Поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да породолжи за Софија, рече Николче Тасески, директорот и претседател на УО М-НАВ, Николче Тасески.

Вечерва бугарските медиуми јавија дека во авионот бил сопственикот на леталото 49 годишниот Ѓеорѓи Бошнаков, шеф на одделот за примена и одржување на информатичката технологија во Агенцијата за регистар, неговата 47 годишна сопруга и двете ќерки на 14 и 19 години. Македонскиот комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти треба да ја утврди причината за падот на Цесната.