Двајца загинати и еден повреден работник во несреќа во Чаир- ги затрупала земја додека копале канал
Фамилијарна трагедија во скопски Чаир. Двајца браќа загинаа, а еден работник е повреден при ископ на канал за водоводна мрежа.
– Несреќата се случила утринава околу 11 часот на улицата Кемал Сејфула во близина на Поликлиниката во Чаир.
Починатите браќа и нивниот зет работеле во семејната фирма на таткото која била ангажирана да изврши ископ со багер. Тројцата биле во дупката длабока околу 2 метри кога одеднаш зе слизнала земјата и ги повлекла жардањерите кои ги потрупале работниците. Прв на помош дотрчал таткото кој бил покрај багерот, но не успеал да ги извлече синовите.
-Две од затрупаните лица (26 и 28 години) починале на лице место, додека третото лице (54 години) со возило на Итна медицинска помош е пренесено во ГОБ “Наум Охридски“ за укажување лекарска помош, соопштија од МВР.
За кратко пристигнале и екипи од противпожарната бригада кои веднаш почнале со спасувачката акција.
-Третиот затрупан беше во добра здравствена состојба и го извлековме веднаш, изјави Нуредин Мустафа, командир на чета во пшротивпожарната бригада на град Скопје.
Повредениот 54 годишен работник со Брза помош бил префрлен во старата градска болница. Од таму информираат дека пациентот е во стабилна здравствена состојба и засега е надвор од животна опасност.
-На лице место еден од повредените беше во свесна состојба, главата му беше над земјата, другите двајца беа целосно затрупани. Пожарната екипа интервенираше, повредениот беше цело време со кислородна поддршка, додека се ископуваше земјата, нашата екипа го пренесе во болница. Освен мали нагмечувања не се пожали на други повреди. За жал, останатите двајца беа без знаци на живот“, рече д-р Марина Сотировска, шеф на смена во Брза помош.
Од општината Чаир информираа дека градежните работи се изведувале без дозвола.
-Според изготвениот записник од страна на инспекторите на терен, започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување и истите се започнати во текот на денешниот неработен ден – Сабота, соопштија од Општина Чаир.
Телата на починатите браќа повеќе од два часа останаа во дупката,по што по наредба на јавен обвинител со погребално возило беа однесени на обдукција.
-Во насока на расчистување на настанот и утврдување на причинско последичната поврзаност за несреќата и смртта на двајцата браќа, јавниот обвинител издаде Наредба за прибирање на податоци во врска со постоењето на градежна дозвола за вршење ископ, во однос на инвеститорот , како и изведувачот на работите, информираа од Обвинителството
Истражните органи треба да дадат одговор дали некој ќе сноси одговорност за ангажманот на фирмата на диво да врши ископ.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
