Македонија
29. July 2019 - 19:40

Спасовски: Се превземаат мерки за безбедна прослава на Илинден во Крушево

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Крушево истакна дека ќе се превземат сите потребни мерки за безбедна прослава на 2-ри август. Спасовски рече дека во моментов безбедносната состојба во Крушево била мирна и стабилна, а криминалитетот и прекршоците за нарушување на јавен ред и мир биле намален за 33%. Тој ги повика граѓаните на мирна и достоинствена прослава за Илинден и додаде дека за тој ден во Крушево ќе има зголемени безбедносни мерки.

„Посебно е важно претстојните празници да ги одбележиме достоинствено, бидејќи на таков начин ќе ја почитуваме нашата традиција, нашата историја, меѓутоа и сите заедно ќе се свртииме и кон иднината. Да изградиме силна и стабилна С. Македонија. И од тој аспект ги повикувам сите граѓани да се приклучат на оваа прослава, заедно и достоинствено онака како што и доликува на Македонија да го прославиме 2-ри август“, истакна Оливер Спасовски министер за внатрешни работи.

Спасовски во Крушево присуствуваше на формирањето на Совет за превенција кое се случува само неколку дена пред Илинден.

„Најбитна ни е безбедноста на граѓаните на Општина Крушево, а со тоа и безбедноста на граѓаните на цела наша држава. Тоа ни е приоритет. Сакаме одговорно и посветено да работиме со централната власт, а посебно со МВР, со цел привлекување на повеќе туристи и посетители“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Инаку лани за прославата на Илинден на Мечкин Камен беа регистирани инциденти каде кон владината делегација и дипломатскиот кор беа упатени свирежи, говор на омраза и фрлање на пластични шишиња. Лани за Илинден во Крушево се обрати претедателот Ѓорѓе Иванов, а присуствуваше и заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер. Годинава во Крушево ќе се обрати премиерот Зоран Заев.